Петар Печков
Објавено: среда, 17 септември 2025
По двојното убиство над поранешната девојка Росица К. и татко и Киро К. а потоа и самоубиство на сторителот Илија С. од Скопје се огласи и Основен суд Велес. Во оваа институција се водеше судскиот процес по одбвинителниот предлог поднесен од ОЈО Велес.
„По завршувањето на главната расправа на ден 10.09.2025 година, донесена е пресуда К.бр.123/25 од 10.09.2025 година со која обвинетиот Илија С. е огласен за виновен за кривично дело Загрозување на сигурноста при семејно насилство и за кривично дело Насилство, му е изречена алтернативна мерка условна осуда. Му се утврдува единствена казна затвор во траење од 1 година и 4 месеци и истовремено се определува дека утврдената единствена казна затвор нема да се извршува доколку обвинетиот во времето од три години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“ – соопштија од Основен суд Велес.
Со решение К.бр.123/25 од 10.09.2025 година останала во сила мерката на претпазливост Забрана на приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со лицата Р. К. и И. М. се додека има потреба а најдолго до правосилноста на пресудата.
Определените мерки на претпазливост Забрана на обвинетиот да го напушти живеалиштето односно престојувалиштето и обврската обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице во просториите на МВР СВР Скопје ПС Кисела Вода, еднаш во седмицата, се укинуваат по предлог на Јавниот обвинител и согласност на бранителот.