Петар Печков
Објавено: понеделник, 20 јануари 2025
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против С.Б. - началник во Одделение за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија при Регионалниот центар за гранични работи Југ.
Постојат основи на сомнение дека началникот сторил кривични дела „загрозување на сигурноста“ по член 144 став 2 и „затајување“, казниво по член 239 став 3 од Кривичниот законик.
„На 12.01.2025 во Кавадарци, пријавениот физички нападнал едно лице и со службен пиштол неколку пати го удрил по главата. Исто така, на 13.01.2025, С.Б. противправно присвоил една рамка и пет куршуми и не ги вратил, а кои се сопственост на Министерството за внатрешни работи“- соопштија од МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против пријавениот ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место - суспензија до завршување на дисциплинската постапка.