Петар Печков
Објавено: среда, 26 февруари 2025
Претпладнево од 11 до 12ч. матичните лекари протестира, не работеа со пациенти, откако утрово добиле обврска да ги верификуваат мобилните броеви на пациентите. Оваа обврска им ја дала Управата за електронско здравство, како проверка пред негвото воведување. Тоа го блокирало функционирањето на системот „Мој термин“ кај матичните доктори.
„Доаѓа пациент во лоша здравствена состојба и ние како матични му велиме, чекај, прво да завршиме администрација, да верифицираме мобилен број па ќе почнеме со прегледот. Тоа одзема време. Некои лица и не носат мобилни и не можеме да извршиме верификација. Тоа денес беше експириментално а за некој ден ќе биде задолжително“ – кажа д-р Лили Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на матични лекари.
Од Министерството за здравство велат дека измената за верификација на телефонскиот број е со цел цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем. И дека во моментот процесот сè уште не е задолжителен, но во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар.
Од Здравство исто така нагласија дека верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед.
„Се предвидува оваа обврска да биде задолжителна од 3 март, од понеделник. Тоа е првиот ден во месецот, кога пациентите бараат месечна доза на лекови и има навалица. И во таа гужва, да се верификува мобилен број на пациент е многу тешка мисија. Се јавуваат соседи, познати во име на друг пациент кој е дементен и како да добијам јас број од пациентот? Згора на тоа прв преглед е за една дијагноза, ако дојде следен пат со друга дијагноза, ќе мора повторно да се верификува“ – кажа д-р Чолакова Дервишова.
Од Министерството додаваат дека корисниците на мобилната апликација „Мое здравје“ може самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар.
„Оваа промена се базира на анализи, кои покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50 отсто од пациентките со закажани прегледи на дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини, кои можеле да бидат искористени за други пациенти“, велат од Министерството.