Петар Печков
Објавено: вторник, 02 септември 2025
Надминат е проблемот со превозот на дел од учениците од околните села во Велешко, откако тие вчера не заминаа на училиште, за првиот училиштен ден. Тоа се случи со стотина ученци од средното образование од Лозово, Мелница, Лисиче, Караслари, Сливник...
Превозникот од село Караслари без објаснување во средата најавил дека нема да вози. Проблемот со останатите ученици е од села, каде нема меѓуопштиски јавен превоз и автобусите сообраќаат само за учениците. Поради тоа, вчера доцна попладнето во Велес беше и министерката Весна Јаневска. Таа прецизираше дека Законот е дециден, дека учениците мора да одат на училиште.
„Родителите од Лозово покажаа некакво незадоволство, одржав состанок со група на родители, група на ученици. Тие ги кажаа нивните аргументи, ние нашите од Министерството. Законот не смее да се прекршува, децата мора да одат на училиште, не затоа што образованието е обврзно, туку е во нивна корист“ – рече Јаневска.
Проблемот годинава се појави откако стапи на сила Законот за средно образование, со кои учениците над 25 км. оддалеченост од училиштето е задолжително да престојуваат во интернат. Доколку оваа институција ги одбие, тогаш тие може да користат автобуски превоз, кој го плаќа училиштето каде се школува. Тоа беше воведено оти високи беа давачките за превоз на ученици со автобус, а децата не сакале да престојуваат во интернат.
Годинава во средношколскиот интернат во Велес, има примено 155 ученици а капацитетот е 225 кревети. Дел од средношколците и не конкурирале да престојуваат во овој дом. Таков е случајот со учениците од Лозово, кое е 15 км од Велес, и тие не сакале да бидат згрижени во интернат, туку да патуваат. Некои од родителите на синоќешната средба со министерката Јаневска, кажале дека децата биле потребни преку неделата за работа во земјоделието.