Петар Печков
Објавено: понеделник, 29 јуни 2026
Постапката на експропријација на земјиштето каде треба да минува колекторскиот систем за прифаќање на отпадните води од Велес, ја зголеми неговата цена. Локалната власт не може за започне со исплатата на средствата поради неможноста за договор со сопствениците. Од Општина Велес велат дека експропријацијата е ставена на приоритетна листа и најавуваат ќе заврши во најбрзо време.
„Постапката за експропријација на земјиштето е во тек. За експропријација беа околу 330 парцели, од кои најголемиот дел веќе е завршен. Општина Велес се уште нема почнато со исплата на средства бидејќи голем дел од граѓаните - сопственици на имоти не се согласуваат со понудената сума. Во Програмата за уредување на градежно земјиште се предвидено два милиони денари за експропријација, од локалниот буџет“ – одговорија од локалната власт на прашањето до каде е постапката за изградба на пречистителна страница и колекторски систем за Велес.
Со реализацијата на овој проект, треба да се реши излевањето на одводните води од велешките домови, од двете страни на градот директно во реката Вардар. Одводната мрежа треба да минува неколку километри од Велес до близина на вливот на реката Бабуна во Вардар каде ќе се гради пречистителната станица.
Проектот беше заглавен, според објаснувањето на градоначалникот на Велес, Марко Колев, откако вработен во Министерството за земјоделие го дал плацот каде таа требало да се гради пречистителната станица, на компанија која одгледува лозје. Па се бараше нова локација, која беше најдена и извршена е промена во Проектот, со што се изгуби време.
Проектот е во вредност од 24 милиони евра, од претпристапна помош на Европската комисија за програмскиот период 2021-2027 година. Тој ќе биде преку ИПА 3 програмата на Европската Унија за поддршка на проекти за заштита на животната средина, а Општина Велес е вклучена заедно со Општина Штип, за заштита на водите на реката Брегалница.
„Предуслов за да се објави тендерот е завршена експропријација и издавање на одобрение за градба. Општината Велес работи на завршување на процесот на експропријација, издадено е одобрение за градба. Потоа следи објавување на тендерот за градба од страна на Министерство за финансии. Градбата се планира да заврши за две години и следи една година гарантен период“ – одговорија претходно од Министерството за животна средина, на поставеното прашање за процесот на изградба на колекторски систем и пречистелна станица.
