Петар Печков
Објавено: понеделник, 24 август 2026
ОУ со ресурсен центар „Маца Овчарова“ од Велес успешно го реализира Erasmus+ проектот „Инклузијата почнува од мене“, насочен кон унапредување на инклузивното образование и професионалниот развој на вработените.
Во рамките на проектот, вработените учествуваа во четири мобилности – две обуки и две Job Shadowing активности, реализирани во Гент, Тенерифе и Стразбур.
Преку обуките и посетите на образовни институции, учесниците се запознаа со современи пристапи за социјално-емоционално учење, работа во разновидна училница, диференцирана настава, практично и искуствено учење и поддршка на учениците со различни образовни потреби.
Посебно значајно беше директното набљудување на практиките во училиштата и ресурсните центри во странство, каде учесниците имаа можност да разменат искуства со европски колеги и да видат различни начини на организација на инклузивната поддршка.
По завршувањето на мобилностите, стекнатите знаења беа споделени преку теоретски и практични работилници со вработените во училиштето, колеги од други училишта и родители. Во рамките на дисеминацијата беа презентирани конкретни методи и активности кои можат да се применат во секојдневната работа.
„Мобилностите ни овозможија да запознаеме нови пристапи и практики, но најважно е што стекнатото знаење можеме да го пренесеме во нашата средина и да го користиме за подобра поддршка на секој ученик“, истакнуваат од училиштето.
Проектот претставува уште еден чекор кон создавање поинклузивна, поддржувачка и пристапна образовна средина, како и кон споделување на европските искуства со пошироката образовна заедница.
