Петар Печков
Објавено: четврток, 05 февруари 2026
Започна судскиот процес за сообраќајката која пред година и пол се случи пред тунелот кај Катланово, на автопатот во правец на Велес. Орце Димитриев (33 год) од Велес обвинет за сообраќајка во која починаа три лица а пет беа тешко повредени, меѓу нив и самиот тој, не признава вина за кривичното дело со кое се товари. Димитриев е обвинет за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по член 300 ст.2 в.в со член 297 ст.1 од Кривичниот законик. Обвинителството смета дека делото го сторил со умисла.
„Обвинетиот при управувањето со возилото не се придржувал на сообраќајните прописи и го загрозил јавниот сообраќај, при што направил пропусти, возел со брзина од околу 104 км/4ч иако определената брзина била 70 км/ч. Исто така возилото го управувал под дејство на психотропни супстанци при што изгубил контрола на возилото и со тешки телесни повреди се здобиле четири лица. Овие факти ќе се докажат со лабораториски наод, со обдукциски наод, извештај на вештачење“ – кажа обвинителката Силвија Ивановска.
Предметот го суди петчлен кривичен совет во кој претседава судијата Ангел Трипчев, судијката Емина Калач и тројца поротници.
„Не се чувствувам за виновен. Изразувам сочувство на семејствата од починатите, на повредените, жалам за настанот и тоа што се случи“ – рече Димитриев.
Ова предизвика реакции негодување, изненадување во полната судница во која беа блиски на тројцата починати Ангел Ников, Јованче Ангелов и Димче Царев и четворицата оштетени, кои во сообраќајката доживеале тешки повреди. Двајцата бранители на обвинетиот исто така изразија жалење за настанот и сочувство за блиските на починатите.
„Судот ќе биде пред донесување на тешка одлука, да се утврди материјалната вистина и правната одговорност, заснована врз факти и докази. Одбраната ќе докаже дека фактичката состојба не е таква како што е претставена во обвинителниот акт и кај обвинетиот не постои вина за настаната последица. Одбраната ќе понуди докази наспроти машинското вештачење од обвинението, дека возилото било технички исправно. Имено возилото имало сериозни механички проблеми, со десното предно тркало, скршена десна полу осовина која е директен причинител за сообраќајната незгода. Наглото шетање на возилото лево –десно по коловозот не е резултат на грешка на возачот, туку на механички отказ кој бил предвидлив за правното лице Феромонт инженеринг сопстеник на возилото, а игнориран од нивна страна. Присуството на супстанци мора да биде со анализа на крв. Обвинетиот на денот на незгодата работел повеќе од 10 часа како бравар, потоа бил принуден да управува со возилото без соодветен патен налог, без тоа да му биде негова работна обврска. Премореноста на обвинетиот, обвинителството не го земало во предвид. Сообраќајката е резултат на технички неисправно возило и лоши работни услови“ – кажа адвокатот Трајче Тошевски.
„Во обвинението не сретнав чија сопственост е патничкото моторно возило, дали во текот на истрагата е повикан претставник на правното лице Феромонт инженеринг ДООЕЛ Скопје, обвинетиот возач не возел приватно возило“ – кажа бранителот Борче Стојанов.
Сообраќајката се случи на 16 октомври 2024 година, во 17,35ч. на автопатот Скопје – Велес, кај тунелот кај Катланово, обвинетиот управувал возило „форд транзит“ со скопски регистарски таблички со кое ги превезувал работниците од работа дома во Велес.
ОЈО Скопје му го пренесе на работа предметот на ОЈО Велес, бидејќи обвинетиот, оштетените се од Велес.
