Петар Печков
Објавено: вторник, 02 септември 2025
Средното економско училиште „Јовче Тесличков“ одбележа 65 години постоење. На свеченост која се одржа во школскиот двор, пред бројни гости, вработени, поранешни вработени, деловни соработници, говорниците се навратија на почетоците, на работата на оваа општинска образовна институција. Поранешниот ученик, денес актер Крсте Јовановски потсети на моменти кога пред 40 години се одбележувал овој ден.
„Роден сум на 13 март 1960 година, врсници сме со училиштето заедно растевме сиве овие години. Втор пат сум на оваа позиција, прв пат на 25 годишнината. Ме поканија за нешто да кажам. Побарав биографија од патронот Јовче Тесличков, ми ја пратија по факс, такво беше времето. Направив краток монолог, во прво лице еднина. Настапив во тогашниот Пионерски дом, тогаш тазе отворен. Ова ви го кажувам за една друга случка. Напред седеше една старица, облечена во црно, слабичка, со диоптер на очила шестка. Додека настапував таа не го поместуваше погледот од мене.Мислев дека е првоборец или заслужен граѓанин за училишето. Завршив со настапот, ме запознаа со бабичката. Дознав дека е мајката на Јовче Теслчков. Таа ме прегрна толку силно, што и ден денес ја чувствувам таа прегратка. Ова ви го кажувам, за сите да се гушкаме, во ова време што ни се случува. Да прославуваме јубилеи“ – кажа Јовановски.
Економското училиште е формирано на 1 септември 1960 година, со решение на окружниот народен одбор на титовелешка околија донесено на 14 септември. Четири и пол децении училишето работеше во зградата на поранешната стара Гимназија, заедно со ОУ Благој Кирков. Од 1 септември 2006-та се пресели во зградата на тогашното ОУ Трајко Андреев, кое се пресели а подоцна претопи во ОУ Блаже Конески.
„Не сме тука само да кажеме среќен роденден, туку и да прославиме 65 години труд, успеси и пријателства. Ако се завртиме наназад ќе видиме илјадници лица, кои поминале низ овие училишни клупи. Сите тие го носат знаењето и вредносите стекнати тука. Овие 65 години не се само бројка – тоа се илјадници часови работа, труд и посветност. Наставници кои со љубов и несебичност го пренесувале своето знаење, вработени кои секогаш биле тука да помогнат, ученици кои со својата енергија и младешки дух го исполнувале овој простор со живот. Сме имале предизвици но и големи победи. Сето тоа ја заокружува нашата мисија – да подготвуваме ученици кои ќе бидат подготвени за реалниот живот, за сите патишта што ќе ги изберат. Особено сум горд што низ годините се градеше и негуваше соработката со бизнис секторот и невладините организации, наши партнери во реализирање на практичното образование. Денес, во време на брзи промени, нашата задача е да останеме современи, да го следиме напредокот, да ја збогатуваме наставата со нови технологии и методи, но и да ги зачуваме вредностите кои не доведоа до тука- чесност, професионалност и посветеност на младите. Овој наш јубилеј не е само поглед назад, туку и поглед напред. Нека овие 65 години бидат поттик за уште повеќе успеси, нови генерации кои ќе не прават горди и училиште кое и понатаму ќе биде место каде што се создаваат знаење, пријателства и идни лидери“ – кажа Васко Трајковски, директор на училиштето.
Тој од името на сегашниот наставен и раководен кадар изрази најдлабока благодарност на сите што во изминатите децении го вложиле своето време, труд и љубов кон ова училиште и со тоа ја овозможиле неговата атрактивност и препознатливост повеќе од шест децении.
На свеченоста присуствуваше и министерката за образование Весна Јаневска и државниот секератар за образование Елена Ивановска.
текст од одбележувањето на 50 години работа на Економска