Петар Печков
Објавено: понеделник, 26 октомври 2026
Од продажбата на уметничка слика, на академскиот сликар од Куманово Гоце Божурски собрани се 27,5 илјади денари. Тој неговото дело го подари на Музеј галерија Кавадарци, кое на отвoрањето на неговата изложба на почетокот на септември го стави на аукција. Го купиле сопружниците Николинка и Горан Јаневи а добиените средства се наменски за лекување на близнаците Благоја и Дамјан Стојановски.
Овој настан е пример како уметноста може да ги надмине границите на естетското доживување и да прерасне во чин на човечност, грижа и општествена одговорност.
Во чест на јубилејот 50 години Музеј Галерија Кавадарци, авторот Божурски на оваа културан институција и подари 50 дела кои беа изложени на изложба.
Донацијата на 50 цртежи претставува вреден придонес за културното наследство на Кавадарци, додека донираната слика и средствата од нејзината продажба носат порака на надеж и поддршка за децата и нивните семејства.
Со својот гест, Гоце Божурски покажа дека вистинската вредност на уметноста не се мери само преку делата што ги создава уметникот, туку и преку добрината што тие дела можат да ја поттикнат.
Изложбата во Музеј-галеријата Кавадарци ќе остане забележана како настан во кој уметноста и хуманоста се споија во една благородна цел – да се зачува културното богатство и да се помогне во борбата за детското здравје.

