Петар Печков
Објавено: вторник, 18 август 2026
Од петокот во попладневните часови повторно во функција е мерната станица на Министерството за животна средина, која го мери квалитетот на воздухот во Велес. Таа не работеше од 1 јули. Не работеше ниту седум дена од јуни.
Така велешани не знаеја каков воздух дишат среде лето 45 дена во континуитет или 52 во текот на три месеци. Од Министерството за животна средина за не покажувањето на вредностите го дадоа следното објаснување.
„Причината е поради дефект на уредот за прибирање на податоци од извршените мерења на инструментите (Data logger) не е во функција од Автоматската Мониторинг станица за мерење на квалитет на воздух во Велес – Велес 2, делумно во месец јуни 2026 како и од 01 јули 2026 година па наваму. Поради тоа, иако мерните инструменти се во работен режим, нема податоци од мерењата. По завршување на сервисирањето и тестирањето на уредот за прибирање на податоци, истиот ќе биде инсталиран во станицата и податоците од мерењата повторно ќе бидат достапни“ – соопштија од Министерството за животна средина на почетокот од јули.
