Петар Печков
Објавено: среда, 09 април 2025
Двајца велешани по признание на вина добија по 18 месеци затвор за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Обвинетите Л.Л. (38 год) и М.А. (30 год) го признале делото, по што се прогласени за виновни во Основен суд Велес. По барање на секој од осудените, Л.Л и М.А. со решение на судот се упатени на издржување казна затвор пред правосилноста на пресудата.
Пресудата не е правосилна, изјавена е жалба од име на секој од обвинетите, преку нивните бранители како и од Основното Јавно Обвинителство Велес. Во казната се засметува и времето поминато во притвор сметано од 05.09.2024 година до започнување со издржување на казната затвор.
Настанот се случи на 5 септември лани, во 00.10 часот, коага полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес ги лишиле од слобода Л.Л. и М.А., двајцата од Велес, на наплатната станица Сопот, при контрола на патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.Л., а сопатничка била М.А.
При претресот во автомобилот биле пронајдени 13,16 грама хероин и 13,17 грама мешавина од кофеин и парацетамол која се користи како додаток за зголемување на масата на некои дроги.