Првата поштенска картичка со фотографија од Велес е од 1899 година и истата била испратена за Венеција

Петар Печков

Четиристотини и педесет поштенски картички најдоа месо во монографијата „100 години Велес, историја на поштенските картички“  дело на филателистите, колекционери, Виктор Габер и Зоран Стрезовски.  Оваа филателистичко - монографија, според авторите е прва од таков вид во Македонија.

„Поштенски картички за Велес имам излагано во Белград, Атина, Прага. Па дојдовме на идеја со колегата филателист  Зоран заеднички, да ги објавиме сите картички што се издадени од турско време па наваму.  Така го опишуваме Велес низ еден развоен циклус, во период од сто години.  Картичките ги наоѓаме на размена или преку интернет ги купуваме. Поради комуникациската врска Велес, посебно со  изградбата на железницата градот добива на значење а со тоа и потреба од поштенски картички.  Дел од нив се објавени во оваа книга“ кажа Габер.

Освен Велес, богат фонд поштенски картички од градови во Македонија имало и  за Охрид, Скопје и Битола.  

„Пред некоја година му предложив на Виктор да ги обединиме нашите колекции на поштенски картички  од Велес   и да објавиме книга, труд со што ќе оставиме трага, белег. Најтешко се наоѓаат од времето на османлиското владеење, малку ги има, ретки се а и временската дистанца прави тешко да се наоѓаат. Книгата е своевидна галерија на слики од Велес во период од еден век“ - рече Стрезовски.  

Тука ја има првата поштенска картичка од  Велес, издадена 1899 на турски јазик,  од велешанецот Тодор Христов,   со поздрав од  Купурли- турското име на Велес. Таа е со стариот мост и градот од околината во позадина. Истата на 24 март 1899 година е испратена за Венеција.

Промотор на книгата беше книжевникот Васил Тоциновски.

„За делото  би рекол дека е магично.  Ова  извонредно значајно дело. Тоа  е ретка книга не  само во Македонија туку и за светски рамки. На поштенските картички  има испраќач, примач и што е најважно и ги прави значајни е текстот, што е приказна.   Велес оваа монографија  ја заслужува со своето револуционерно и културно наследство. Ова е енциклопедиско дело. Десетината автори, велешани  кои своевремено издавале поштенски картички, имале европски манири, мисла и идеи“ - изјави Тоциновски.

Книгата е издадена од локалната власт на  Велес, во рамките за одбележување на 9 Ноември, Денот на општина а финансиски помогната од Општина Велес, Министерство за култура и Кочо Анѓушев.  

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

  • добро е
  • не ми се допаѓа
  • ме бендисува пешачката патека која е бојадисана
Резултати