Петар Печков
Објавено: петок, 18 октомври 2024
„Животот е драма, во кој најтешка улога е човекот“ е афоризмот кој победи на првиот фестивал на сатирата „Џинот“ кој се одржа во Велес. На конкурсот кој беше меѓународен пристигнале стотина сетови афоризми, кои се состојат од по десет единечни. Автор на победничкиот афоризам е Јане Атанасов од Кочани.
Прво наградена за сет афоризми е Славица Урумова од Скопје,втора награда за Абдурахман Халиловиќ од Риека Хрватска и трета награда за Нада Караџиќ – Белград, Србија. Жири комисијата, како поттик за авторите да пишуваат етно афоризми- афоризми по народни поговорки, одлучи да додели специјална награда за етно афоризам на Костадинка Витанова – Струмица, за нејзиниот сет со 10 етно афоризми.
„Пристигнаа повеќе од сто сетови афоризми. Седумдесет сета ги задоволија критерумите, имаше доста квалитетни“ – кажа Атанас Крлевски, член на жирито и афористичар.
Имаше учесници од седум држави Србија, БиХ, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Швајцарија и Македонија
„Ова е прв меѓународен фестивал на сатира Џинот насловен во чест на Јордан Хаџи Константинов Џинот кој прв во Македонија пишувал афоризми. Една таква големина заслужува да има настан, манифестација, не да биде смао голем по делото и името, туку да има и нешто по што ќе го помнат идните генерации“ – кажа Лила Аросва, претседател на Клубот на писатели Коста Солев Рацин од Велес организатор на настанот. Тие организираат уште една манифестација, во чест на Коле Неделковски, кога доделуваат награда за животно дело на роднокраен, велешки автор.
На Фестивалот на сатира беа промовирани и две книги со афоризми, „404 секојдневизми“од Атанас Крлевски, Елеонора Николовска, Марјан Ангеловски, Марјан Ранѓеловиќ автор од Белград Србија. Како и „Групен афористички портрет афоризми“, од група автори.