Признанија за Петрова, Николовска и Хаџиева за просветни работници во 2024 (фото)

Петар Печков

Во пресрет на празникот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, 24 мај, локалната власт ги награди најдобрите просветни работници и ученици во општината. Општина Велес високо ја почитува работата на наставниците вклучени во образовниот процес и затоа секоја година ги наградува најдобрите просветни работници.

За нивниот вложен труд во создавањето  нови личности, за едукацијата, за посветеноста во работата признанија добија Славица Петрова за одделенска настава. Бидејќи долги години е во образованието, прашана дали таа низ годините се менувала   или децата се менувале, вели:

„Да се образуваат децата е слатка обврска, лесна работа за тој што ја сака. 26 години сум во образование, започнав во „Рајко Жинзифов“. Јас се менував, усовршував, надоградував а учениците кога доаѓаат на училише се бел, чист лист хартија. Ние на него ја испишуваме нивната животна патека, работиме со нив, ги подготувавме за современото општство и животот што е пред нив“ – кажа  Петрова.

Признание за наставник за предметна настава доби Ружица Петрушевска Николовска исто така од  ОУ „Блаже Конески“.

„Формулата за успех е да  работите со љубов, таа енергија да ја предавате на учениците.Таа метафорично кажано може и планина да помести. Искрено кажано многу сум задоволна и среќна во работата со децата, бидејќи ние ги создаваме идните професии, ја создаваме основата. Даваме идеја, инспирација, учениците да се пронајдат, во нивната идна професија, ние сме тие создатели. Ова признание ми е огромна мотивација за мојата  натамошна работа, за да добиеме подобри деца-ученици, за да имаме добро општество, подобар свет за живеење“ – порача Петрушевска Николовска.

За просветен работник во средното образование признанието го доби Снежана Хаџиева,  од Хемиското  училиште „Димитрија Чуповски“ . Работи како професор по хемија и предава стручни хемиски предмети. Таа исто призание  има добиено во 2019 година. За некој ден Хаџиева заминува во пензија.

„Процесот на образование на учениците е многу изменет, во однос на тоа кога започнав. Не може да се споредува, сличности малку, децата се променети, времето исто така, транзицијата. Системот на образование отиде под границите, мора многу да се вложува, мотивациски да се дејствува врз учениците, мора да се сфати целта на обрзованието. Се заборави од страна на наставниците на  воспитниот процес во образованието, посебно кај поголемите ученици. Среќна сум и задоволна бидејќи го дадов мојот максимум, останувам во оваа сфера, продолжувам да работам во науката, како што го рааботев тоа и досега“ – кажа Хаџиева.

Беа доделени и награди за најдобрите ученици а тоа годинава  во средното образование е Андреја Нешов, ученик во Хемиското „Димитрија Чуповски“ и  Ана Митровска, ученичка во  осмо одделение во ОУ „Св.Кирил и Методиј“.

Андреја Нешов е редовен ученик во трета година, здравствена струка. На државно ниво изминатата година има освоено  прва награда по хемија. Тука се и второто место на регионално ниво по математика, прво место по нанотехнологија на регионален натпревар.

Ана Митровска, се интересира  за хемијата, физиката и астрономијата. Во периодот мај 2023 - 2024 има освоено прво  место по математика на државен натпревар, прво физика на државно ниво, бронзен медал на 27  јуниорска македонска математичка олимпијада.

За првпат годинава се организираше  натпревар по убаво пишување-краснопис каде  победи  Мила Спасовска, 8  одделение во ОУ “Васил Главинов”. Се одржа и натпревар во ораторство каде победи и прво  место  освои Јана Пљокова, 2 година, Гимназија Кочо Рацин.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Откако Србија и Хрватска го вратија задолжителниот воен рок, во Грција и Турција е исто така задолжителен , дали во Македонија треба да има задолжително служење војска?

  • да
  • не
Резултати