Природната реткост, пештерите на Пешти, македонскиот Колорадо

Петар Печков

 Во близина на Велес, на само еден час одење пеш е клисурата Пешти. Оваа природна реткоста е  на 2,5 км од вливот  на реката Бабуна во Вардар. Нејзината  форма  е во вид на инка, горе  е широка 50  долу тесна, едвај пет метри, висока 220 метри, долга е 430 метри. Се наоѓа во заштитениот предел на реката Бабуна. 

Поголемиот дел од велешани знаат за неа, биле до таму, ја виделе, но малкумина се тие што влегле во бројните пештери, лоцирани по високите капри. Нејзини најчести посетители се двајцата велешки спелеолози и алпинисти Борче Јовчевски и Слободан Ѓоргиев.

Не верувам дека  некој  знае и или досега некој  го истражувал овој простор, овие пештери. Моја проценка е дека се околу 80. Некои имаат повеќе влезови, така  пештерата Четири порти има пет влезови. Не постои пештера каде не сме  влегле. Сме биле и  во тие тешко пристапните. Во 20-тина  не може  да се влезе без алпинистичка опрема и помагала, секако и вештина.  Во овие пештери има 10-тина јами, најголемата е 93 метри вертикала, ја имаме мерено со јаже, потоа има некој ходник, таму не сме се спуштиле, не знаеме што има, но знаеме каде е излезот – објаснува Цобе. 

Тој заедно со Борче Јовчевски  секој викенд се таму. Патем Јовчевски е член на првата македонска експедиција од 1989-ата година во освојувањето на Монт Еверст, кој стигна до подножјето но не и до самиот врв. Одлика на овие пештери е што во неколку има и цркви, што е вистинска реткост.

Има пет пештерни цркви во локалитетот Пешти. Најголема е Маркова црква- Св. Никола. Изградена е во самата пештера, има ѕидини, како и секоја црква. Како  градителите се искачувале со материјал по оваа вертикала од камен е непозната. Останати  цркви се молитвеници, фреските  се на самите ѕидови од пештерите. Таму живеле  монаси во испосништво, сами – објаснува Илиев.

Црквите и фрескописот во реонот на Пешти се редок Балкански пример на оваа уметност и значаен културолошки и историски извор за фрескоживописувањето на подрачјето на Македонија. Нив доаѓале да ги проучуваат истражувачи и научници од соседството. Во пештерите има пештерски украси, некои имаат балкон, тераси, секако сталагмити и сталактити.

Повеќето пештери имаат имиња, кои ги добиле од месното население. Четири порти, Голема Порта, Инка, Топла пештера, Двоглед, Галерија, ги дале самите селани од околината, како им личи пештерата такви имиња давале. Така   во Топла пештера селаните кажуваат  дека чувале и  по 500 овци во зимо кога било ладно, таа била мошне топла во овој период температурата била до 12 степени  над нулата.  Пешти е познат орнитолошки локалите во Македонија, тука живеат ретки птици грабливки, кои ги има се помалку во земјава, затоа е прогласен и за заштитена зона.

Има шест видови на орли кои тука се гнездат, поради што  е прогласен за орнитолошки, бидејќи живеат ретки птици. Има белоглав орел, царски орел, сур орел,  црна луња, египетски мршојадец и картал, ги прстеносуваме секоја година. Годинава не видовме мало од египетски мршојадец, до лани по две три имаше, годинава ниту едно. Во периодот од октомври до мај има и пештерски езера.  Тоа е ретка убавина, периодични пештерни езера. Постојат  се додека не испарат  во лето, до колена се длабоки. Четири се со сигурност, сме ги виделе и регистрирале – вели Слободан.

Тој секој слободен момент, ден, го користи во посета на овој локалитет, било да е зима или лете. Магијата на темнината за него е неповторливо и единствено чувство. 

Влегувањето  во пештерите е влегување  во царството на темнината и тишината, кои никаде не се доживуваат. Пештерата е првиот дом  на човекот. Тоа треба да се доживее. Ако  Американците го имаат Колорадо, ние ја имаме Пешти. Шест лакови, кои го создала самата природа се единствена природна убавина – појаснува Илиев.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали намалените цени со новогодишната потрошувачка кошничка се помош за домашниот буџет

  • да
  • не
  • зависи висината на платата/пензијата
Резултати