Петар Печков
Објавено: среда, 29 јули 2026
Природната чешма во Башино Село не се препорачува за користење, бидејќи истата има зголемен број на бактерии. Ова го пишува од извештајот за извршеното тестирање на водата од чешмата среде село, од која се снабдуваат и бројни велешани. Тоа е извршено на 24 јули од страна на Центарот за јавно здравје Велес, резултатите ги објави Општина Велес.
„Испитаниот примерок на водата не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа поради зголемен вкупен број на бактерии во 1 ml. Со оглед дека станува збор за природна чешма која има непостојан квалитет на водата, истата не може да се смета за сигурен и безбеден извор за водоснабдување на населението. Потребно е да се изврши асанација на објектот и околината и да се воспостави редовна дезинфекција на водата за да може да се користи како вода за пиење“ - пишува во извештајот на ЦЈЗ Велес.
Годинава оваа вода била испитана четири пати, 22 јануари 27 април и 9 јуни кога била исправна а само последниот примерок од 24 јули бил неисправен. Резултатите од испитана вода се доставуваат до Агенцијата за храна и ветеринарство, која дава мерка да се стави табла дека водата не е за пиење.
Минатата година ЦЈЗ Велес испитувал 107 примероци на вода од селските водоводи и чешми во велешко. Во 31 случаи била физичко-хемиски неисправна и 48 пати бактериолошки неисправна. Природната чешма среде Башино село била испитувана најмногу дури осум пати а три пати била неисправна. Тоа според стручните лица од ЦЈЗ Велес, покажува дека е со непостојан квалитет и не е препорачлива за користење.
Лани извршени биле вкупно 27 испитувања за квалитетот на водите од природните чешми во градот. При тоа во четири случаи била физичко-хемиски неисправна а 20 пати бактериолошки неисправна. Таа што велешани најчесто ја користат во месноста Шорка, пет пати била испитана еднаш била неисправна. Сите останати биле повеќе неисправни, отколку што биле со исправна вода за пиење.
фото архива ТрМр
