Петар Печков
Објавено: четврток, 13 ноември 2025
Општина Велес го распиша конкурсот за учебната/студиска 2025/2026 година. Со него локалната власт финансиски ќе помага ученици од средно училиште и студенти.
Предвидени се 19 стипендии на талентирани ученици од II, III, IV година во средно образование. Стипендијата е во висина од 2.000 денари месечно, а се исплатува 9 (девет) месеци. Како и 15 стипендии на талентирани студенти со завршена најмалку една година од студиите во високото образование. Стипендијата е во висина од 2.500 денари месечно, а се исплатува 9 (девет) месеци.
Право на стипендија имаат кандидатите кои учат и студираат во училиштата и факултетите во Република Северна Македонија. Кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови:
- Да се редовни ученици од средно образование од II, III, IV година со одличен успех, (за учебната годината која и претходи на година во која аплицира за стипендија) кои освоиле награда на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари од областа на науката, техниката, културата, спортот и други учества (во претходната учебна година)
- Да се редовни студенти со минимум запишана II година со континуирано студирање, кои освоиле награда на државни или награда на меѓународни натпревари од областа на науката, техниката, културата, спортот и други учества, и во текот на студии постигнале просечен успех од 9.00 и над 9.00
-да се жители на Општина Велес
- да се државјани на Република Северна Македонија.
