Петар Печков
Објавено: петок, 13 декември 2024
За да опстои Советувалишниот центар во Велес наменет за жени жртви на семејно насилство, потребна е финансиска помош од локалните власти на четирите Општини, велат од Здружението на жени Велес. Во пресрет на донесувањето на општинските буџети за наредната 2025 на Велес, Градско, Чашка и Лозово, чии услуги го користат жртвите од Велешко, активистките потсетуваат дека жените жртви имаат потреба од советувалиште.
„Обврска на Општините да партиципираат со некој износ за одржливост на ова психолошко советувалиште. Очекуваме со буџетите за следната година, оваа обврска да биде испочитувана, ќе успееме да ја разбудиме свеста кај градоначалниците, советниците и ќе одвојат финансии“, кажа Мирјана Трајкова, претседателка на Организацијата на жени, која работи со советувалиштето.
Ова барање доаѓа при крај на периодот од активистичкиот настан „16 дена борба против родовото насилство“.
Советувалиштниот центар за жени жртви на семејно насилство во Велес дава психолошка помош, но и правна во случај на судска разрешница. Неговата работа е потребна оти се зголемува бројот на пријави.
„Расте бројот не на жртви, туку на жени жртви кои се охрабриле и го пријавиле семејното насилство, поточно жртви кои се одлучиле да го напуштат кругот на насилството“, вели психологот Ангелина Димовска-Стојанова.
Во Центарот за социјални работи Велес, лани имало пријавено 73 жртви на семејно насилство, од нив 52 жени и 21 маж. Во 11 случаи децата биле жртви. Овие бројки се поголеми од тие во 2022 кога имало пријавено 60 жртви.
Бројот на пријавени случаи во СВР Велес се разликува, има помал број пријави споредено со Центарот за социјални работи. Во полицијата во 2023 имало пријавено 66 случаи на семејно насилство, од нив 39 биле жени, 13 мажи и осум деца. Лани имало повеќе пријави отколку во 2022 кога полицијата регистрирала 34.