Петар Печков
Објавено: недела, 28 февруари 2010
Од бројните поканети гости политичари и амбасадори, немаше ниту еден пристигнато, а за трибината на која требаше да се зборува за делото на Михајлов немаше ниту еден историчар ни од Софија ни од Скопје.
Спомен биста на Ванчо Михајлов вчера беше откриена во Велес во семејната куќа на Драги Каров. Повод била двегодишнината од откривањето на споменикот на Тодор Александров, кој беше откриен на 1-ви март 2008-та година, со што тогаш се одбележа неговиот роденден. Организаторот демантира дека на овој начин се одбележува националниот празник 3-ти март на Република Бугарија.
Ја откриваме спомен бистата на наследникот на Тодор Александров на лидерското место во ВМРО, на легендарниот водач и борец за слободна и независна Македонија, Иван Ванчо Михајлов. Ние не се срамиме, туку сме горди и среќни што ја имаме честа да бидеме први да го претставиме последниот водач на единственото, историско, автономно ВМРО. Неговата личност, како што милуваат да кажат публицистите во Македонија е завиткана во превез на контраверзи. Но сите што го негираат делото на Александров и Михајлов ги уриваат темелите на слободна и независна Македонија. Сите кои зборуваат против нив, сакаат земјава да се врати во прегратките на Југославија – изјави Виктор Канзуров член на организациониот одбор за поставување на споменик на Михајлов.
За разлика од пред две години, на откривањето на споменикот на Михајлов имаше многу помаку гости од Бугарија, но затоа имаше гости од како што најави организаторот „западните покраини на Бугарија, Босилеград, кои сега се наоѓаат во Србија“ . Повеќето од гостите беа од Македонија, кои се декларираат за бугари. Ванчо Михајлов (1896- 1990) македонските историчари го посочуваат за инспиратор на големиот број убиства во Пиринскиот дел на Македонија во периодот 1924 до 1937 година година на истакнати македонски интелектуалци, револуционери и дејци.
Според организаторот причина за малиот број гости се опструкциите кои им го правел бугарскиот министер за дијаспората, Божидар Димитров. Македонските бугари побараа и негова оставка бидјеќи не се грижел за нив и иако ветувал поддршка, лично им рекол дека тие „во Македонија не се репресирани и дека живеат многу убаво“ . Тука ја гледаат и причината што само една бугарска новинарска екипа го следеше настанот. Немањето на поддршка од страна на Република Бугарија е причина што овдешните бугари се лути и повеќе нема да поставуваат споменици на Александров, Михајлов да ги чевствуваат Мара Бунева и Владо Черноземски.
Пред гостите зборуваше и правнукот на Пере Тошев, Николај Тошев кој порача дека „македонците од двете страни на осоговската планина духовно се обединети и новото национално раѓање на бугарите ќе започне од Македонија“ . Меѓу присутните имаше гости од Ќустендил, кои беа и пред две години, при откривањето на споменикот на Алкесандров.
Ние сме должни да дојдеме кога има потреба од одбележување на значајни историски датуми бидејќи сме приврзани кон Македонија. Слабиот одѕив на гости е бидјеќи многу слабо се рекламираше овој настан кај нас - изјави Рани Константинов адвокат од Ќустендил, член на здружението Св.Кирил и Методиј од тој град.
Драги Каров за споменикот потрошил илјада евра, а истиот е тежок стотина килограми. Тој не беше поставен на постамент туку на импровизирано постолје и најави дека после свеченоста Михајлов ќе го крене од дворот на неговата куќа, која велешани ја именуваат „Бугарската амбасада“ и ќе го постави на терасата до споменикот на Тодор Александров. Бидејќи пред две години Каров како организатор беше казнет со илјада евра за веење на туѓи знамиња, овој пат немаше веење, но имаше знамиња на САД, ЕУ, Бугарија и Македонија на едно постолје.