Судиите повеќе нема да судат по терк, туку по совест

Петар Печков

Уставниот суд на денешната седница донесе одлука Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната да биде укинат.Судиите констатирале дека законот е уставно проблематичен и треба да биде укинат.

Одлуката ќе стапи на сила по нејзиното објавување во Службен весник, со што и укинатиот закон повеќе нема да биде дел од правниот поредок. Законот е донесен во 2014 година.

Судиите ќе се вратат на донесување пресуди по стариот принцип, односно да судат според својата совест, стручност, познавање на правото и самите да ги ценат околностите дали некој треба да добие помала или поголема казна за исто кривично дело.

Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната беше предмет на реакции за неколку судски одлуки донесени во Основен суд  Велес а кои во јавноста  излегоа преку ТрМр.   Тие  беа предмет и на стручни дебати. Тоа беше случај со кражбата на ќебапи и на кражба на 10 тегли ајвар. 

Велешанецот  Петре Кариманов  доби три години затвор затоа што ограбил кафеана и предизвикал штета од  6 илјади денари во објект во кругот  на Автобуската станица во Велес. Кариманов ноќта  помеѓу  13 и 14 мај 2015  година, насилно влегол од задната врата  во кафеаната и одзел што можел и што му било при рака, и колку можел да носи.  Така украл 2 литри лозова,  два литри  узо, еден литар мастика, еден литар коњак, 10 лименки пиво, 150 кебапи, 20 плескавици, еден кг краставици,  два кг патлиџани, различни видови сувомесни производи еден килограм.  Дел од украдената стока ја препродал а дел сам со друштво ја искористил. Кариманов повеќе пати е осудуван за  различни кривични дела поради што согласно Законот за одредување на висина на казната му е изречен три години затвор,  а кога му е изречена пресудата се наоѓал на отслужување казна затвор за  друго дело.  

Велешанецот    Роланд Адемовски  доби година и пол затвор за 10 украдени тегли. Адемовски кому му се судеше во отсуство, оти е  во бегство беше прогласен за виновен за кривичното дело ,,тешка кражба,,.   Обвинетиот  делото го сторил ноќта помеѓу 29-ти  и 30-ти ноември 2015-та година   кога насилно влегол во подрум на станбена зграда во Велес. Од просторијата украл   десет тегли ајвар и метални предмети алат за работа, во вкупна вредност од три илјади денари.  Висината на казната е во согласност со Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати