Убиство или сообраќајна несреќа, за случајот во Виничани ќе одлучи судот, заврши главната расправа останува да се изрече пресудата

Петар Печков

Со завршните зборови, во Основен суд Велес, заврши  главната расправа по судскиот предмет за убиството во село Виничани. Обвинет е Саше Крстев (26 год) од истото село, дека по караницата со татко му, со умисла го лишил од живот соселанецот  Ангел Цековски (43 год), намерно удирајќи го со автомобилот „фиат панда“.

Од здобиените повреди Цековски починал на лице место. Настанот се случи лани на 19 јули.   Во својствo на сведок, обвинетиот Крстев раскажа што се случило критичниот ден. На почетокот од судењето изјави  дека не се чувствува виновен, за делото како што го товари обвинителството.

„Се вратив од работа во 14,30, ручав и мајка ми ми даде 2.000 денари за да одам до Градско и купам  водоводна цевка за во поле. Кога тргнав по улицата, после 15 метри ги здогледав сега покојниот Ангел и Гоце како со дрво во рацете стојат над татко ми. Сите тројца беа среде улица, која е широка околу 3-3,5 метри. Се уплашив и со автомобилот свртев лево, бев во паника. Тој момент со десната страна од автомобилот го удрив Ангел. Како дојде до сето тоа не знам.  Од десната страна на патот има брег а од левата ограда од семејна куќа. По ударот сопрев излегов а Гоце зема дрво и ме нападна, велејќи дека ќе ме убие. Јас побегнав надолу по патот, татко ми ми рече бегај оттука.Немав намера да го лишам од живот, ниту постоеше причина да го сторам тоа. Не знаев што претходно се случувало. Според моја проценка и седум годишно возачко искуство, возев со 30-40 км/ч. Се вратив набргу и кога дојде полицијата јас бев на местото од случувањето“ – раскажа Крстев. Во завршен збор обвинителката Анастасија Миланова објасни зошто Крстев се обвинет за убиство со умисла.

„Тој го насочил возилото, не закочил и директно удрил во сега покојниот Цековски. Во моментот кога го сторил делото, бил пресметлив, управувал со своите постапки. Намерата да го лиши од живот починатиот била јасна бидејќи завртил кон лево, за да га избегне татка си  и го удира Ангел“ – кажа Миланова. 

Бранителите на обвиентиот Крстев со теза дека ова е сообраќајна несреќа, не убиство.

„Крстев возел по улицата и ако закочел, ќе удрел во групата која е среде улица и сите ќе ги прегази. Истовремено сега покојниот Цековски, излегува од групата која е среде улица и бива удрен од возилото, кое звртело кон лево. Сето ова трае делови од секунда  и е непредвидена животна ситуација, поединец во сплет на несреќни околности“ – кажа адвокатот Коста Нојков.

„Во обвинението пишува дека делото е сторено со многу голема брзина, која никаде не е прецизирана, конкректизирана.  Вештакот вели дека обвинетиот возел со 80 км/ч. Како е можно да се постигне таа брзина, на улица која е со бехатон подлога,  на кратко расоајание од дома, со возило „фиат панда“ – рече Борче Стојанов адвокат на обвиентиот.

Судијата кој претседава со петчлениот кривичен судски совет, Шефшет Адеми најави дека поради обемноста на доказаниот материјал и анализата, ќе мине одредено време додека ја донесе пресудата, која по писмен пат ќе ја достави до странките.  За докажувањето на обвинителството и бранителите дали е убиство или сообраќајна несреќа, судијата Адеми порача дека , судот е тој што решава за правната квалификација.    

Сопругата на сега покојниот Ангел, кажа дека нејзиниот сопруг Ангел Цековски оставил зад себе три деца сираци, на 13,11 и 7 години.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Откако Србија и Хрватска го вратија задолжителниот воен рок, во Грција и Турција е исто така задолжителен , дали во Македонија треба да има задолжително служење војска?

  • да
  • не
Резултати