Петар Печков
Објавено: четврток, 04 декември 2025
Миле Тодоров од Неготино, 28-годишникот по кого се трагаше од почетокот на годинава од семејство, пријателите и полицијата, пронајден е починат. Веста е потврдена од неговото семејство, а сестрата на Миле, Марија Атанасиевиќ, преку емотивна порака на социјалните мрежи се прости од братот кој од јануари беше исчезнат. Неговите блиски, пријатели, другари, до последен момент се надеваа дека ќе биде пронајден жив.
„Летај со ангелите, мило наше. Нашите срца ќе останат празни без твојот глас, љубов, добрина, насмевка… Болката е голема, но спомените за тебе ќе останат вечни во нашите срца. Почивај во мир и спокој“, напиша сестрата Марија, ставајќи крај на месеците барање, апели и споделени објави на социјалните мрежи.
Миле Тодоров беше пријавен за изчезнат на 29 јануари годинава.
Според информациите на ТрМр, телото било пронајдено на 17 ноември во близина на село Сопот кавадаречко, во лоша состојба на распаѓање. По наредба на јавен обвинител било предадено на обдукција и на идентификација. По земените примероци на ДНК и анализа со членови на семејството, недвојбено било дека пронајденото тело е на Миле Тодоров. Три седмици траела идентификацијата. Телото на Тодоров било предадено на семејството а тој денес, петок е погребан на градските гробишта во Неготино.
