Петар Печков
Објавено: среда, 27 мај 2026
Судењето за сообраќајката пред тунелот кај Катланово, по одложувањето предизвика реакции на блиските на починатите. Тие јавно реагираа во судницата на Основен суд Велес на одложувањето по барање на еден од двајцата бранители.
„Потребна ни е информација каде се наоѓа возилото со кое се предизвика сообраќајката за да може нашиот технички советник да изготви вештачење. Дали е во кругот на фирмата или каде е немаме информација. Бараме таа да ни се обезбеди за да може судењето да продолжи“ – кажа Борче Стојанов адвокат на обвинетиот Орце Димитриев.
На ова реагираа блиските, сопруги, сестри на тројцата починати.
„Од кога е почнато судењето тие сега бараат да се најде комбето. Ете го во кругот на фирмата. Насилно го кренал од шоферското столче возачот, за тој да вози. Што е ова, наместо досега возачот да биде осуден и со лисици на рацете тој си шета, живее слободно, работи а ние по гробишта одиме. Уште некој месец ќе дојдат две години“ – кажаа присутните жени како оштетени.
На ова пак побара ред во судницата вториот бранител на обвинетиот Димитриев, адвокатот Трајче Тошевски.
„Судија мора да има ред во судницата, на што личи ова. Влијаат врз нашиот клиент“ – кажа Тошевски.
Судијата им порача дека до следниот термин судењето ќе се одржи. Претходното рочиште беше одложено поради смрт на близок од семејството на еден од бранителите. Така два месеци нема одржано седница за овој судски процес.
Судењето започна на почетокот од февруари годинава, откако обвинителството повеќе од година дена го чекаше вештачењето од Судска медицина за смртта на две од трите починати лица.
Сообраќајката се случи на 16 октомври 2024 во 17,35ч, на автопатот Скопје-Велес, кај тунелот кај Катланово, при што обвинетиот управувал возило „форд транзит“ со скопски регистарски таблички со кое ги превезувал работниците од работа дома во Велес.
Димитриев е обвинет за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот по член 300 ст. 2 в. в. со член 297 ст. 1 од Кривичниот законик. Обвинителството смета дека делото го сторил со умисла. Во сообраќајката починаа три лица а пет се здобија со тешки телесни повреди. Тој не призна вина.
Обвинетиот возел со брзина од околу 104 км/4ч иако определената брзина била 70 км/ч. Исто така возилото го управувал под дејство на психотропни супстанци при што изгубил контрола на возилото и се случила сообраќајката со три починати лица.
