Петар Печков
Објавено: среда, 04 јуни 2025
Во Велес во текот на 2024 година Државниот инспекторат за животна средина регистрирал најголем број на неправилности во земјава, дури 41. Тие биле констатирани при 120 надзори, од нив по 36 редовни и вонредни и 48 контролни. Или 34 отсто од извршените надзори биле
позитивни.
„Контролите ги извршиле државните инспектори за животна средина, водостопанство и заштита на природа“ – објаснуваат од ДИЖС.
Недостатокот на државен еколошки инспектор во велешко претходните четири години, придонел 90 отсто од неправилностите да се констатирани при надзори за животната средина во компаниите во општината кои поседуваат „А“ интегрирана дозвола.
„Најмногу констатирани неправилности имавме поради немање на локален и до неодамна и на државен инспектор за животна средина. Целиот процес за вработување во општината е оддамна сопрен. Изговори се дека нема лица кои би се пријавиле на огласите. Едноставно нема огласи за да бидат вработувани лица на тие позиции. Како да се сака да се дозволи на загадувачите да ќарат на сметка на здравјето на луѓето“- кажа Стефче Дечев екоактивист од
фондацијата „Импакт“.
Во поширокиот велешки регион во Градско имало 18 надзори и пет констатирани неправилности, а во Чашка имало 13 со 4 констатирани неправилности.
После Велес на листата за најмногу констатирани неправилности ее Тетово со 17 од 78 надзори што е 22 отсто, па Кавадарци со 16 од 69 контроли или 23 отсто и Радовиш и Гевгелија со по 12.
Од друга страна анализирајќи ги податоците од мерните инструменти на Министерството за животна средина, загадувањето во Велес во периодот 2005 -2023 е намалено за 40 отсто. Ова го објави 02 иницијативата. Податоците за 2005 се дека просечната годишна концентрација на ПМ 10 честичките е 80 мг/м3 , додека во 2023 била 48,2 мг/м3. Тоа е намалување од 40 отсто.
За лани 2024 година 02 иницијативата вели дека нема доволно податоци за да ја презентира просечната годишна концентрација. За овој период од 20 години Велес не е на врвот по загаденосгта на взодухот, со просечната годишна концентрација споредено со останатите градови во Македонија, туку е на 9-то место. На врвот е Тетово.