Петар Печков
Објавено: недела, 28 декември 2025
Велешанецот Тодорче Ѓорѓиев го искачи највисокиот вулкански врв на светот, Ојос дел саладо во Чиле висок 6893 м. Тој во овој потфат бил заедно со уште шестмина Македонци, четворица од Скопје и двајца од Струмица. Петмина од нив се искачиле на врвот.
Врвот е лоциран во пустината Атаками, на северот од Чиле. Искачувањето започнало на 29 ноември, траело две седмици, сместување во шатор, секој втор ден климатизациски искачувања, како подготовка за завршното искачување.
„Беше исклучително напорно, ветер, прашина, денски температури во плус, ноќни во минус. Пустина нема ништо, сипар, нема дрва, нема вода, само планини и тоа сите вулкански. Висината е од 4,5 илјади до 7 илјади м. н. в. Последниот базен камп беше на 4.350 м. до подножјето на врвот, кампот Атакама, имавме 2,5 часа возење низ пустина, по ситен камен, прашина и пропаѓање на гумите од возилото. Нешто како камел трофи Париз – Дакар„ – објаснува Ѓорѓиев.
Искачувањето на врвот започнало ноќта на 10 декември околу 1 часот по полноќ, три часа возење до кампот Атакама, од таму комбинирано пеш со возило до кампот Техос на 5.872 м.н.в
„Од тука се искачувавме до врвот Ојос дел саладо на 6893 м н.в. Вулканот некаде фигурира како активен, на други места заспан. Има кратер полн со снег, и од него искачувањето до врвот, околу 200 метри е најтешкиот дел. Таму користевме јажиња и алпинистичка опрема. Погледот од врвот беше кон пустина, други врвови, огромно пространство“ – објасни Тодорче.
Тој досега има искачено четири врвови од вулканско потекло на различни континенти. Најтешко било ова последно искачување.
„Од базниот камп до врвот е 3 км и 2,5 по воздушна линија. Ова значи дека е мошне стрмно. Одевме со еден чекор напред, два назад. Сипар тоа е ронет ситен камен и прашина, ни го отежнуваше одењето и искачувањето, исто и ветерот. Како газиш, така пропаѓаш. Наутро имавме крварење од нос, секретот беше крвав поради пукнати капилари од температурните разлики“ – кажа Ѓорѓиев.
Ова е негово прво искачување по скршеницата на нога од пред четири месеци.
Тој со гордост вели дека е прв велешанец кој се искачи над 7 илјади метри н.в. по 1989 кога Борче Јовчевски беше нa Хималаите.
