Велешани бараат Железен мост да се заштити и фарба, од Железница велат планирано е до година

Петар Печков

На Железниот мост во Велес итно му е потребно да се заштити  и да се фарба. Тој со години е незаштитен од надворешните влијанија , па дождот и временски не прилики оставиле трага на челичната конструкција.  Најмалку 30 години, колку што има и  независна Македонија, мостот не е допрен  да се сочува. 

Првиот сосед, Наце Алексовски, кој  и самиот бил железничар,  дваесетина  години на негов трошок, ја одржуваше пешачката патека од дрвени прагови, додека во 2011-та година, локалната власт   не  постави метална.

 „Има 40-тина години како не е офарбан. Се сеќавам дека толку време мина, откако во дворот од мојата куќа ги оставаа кофите со фарба. Од тогаш не е заштитен. Пред некоја година ги сменија праговите, но конструкција не е допрена“ вели Алексовски.  

Заедно со Градскиот саат и Спомен Костурницата, Железниот мост,   се знаменитостите на Велес. Изграден во далечната 1922-ра година, кога се градела пругата Велес -Штип, мостот е симбол на градот, но е во лоша состојба `рѓосан и оштетен. 

Од МЖ Инфраструктура најавуваат дека во план е мостот да се фарба. Годинава биле обновени три помали моста во земјава. За следната било ред и на Железен мост.

„Во  програмата  за идната година се  предвидува фарбање на три железнички моста, од кои еден е железничкиот мост во Велес. Во тек е процесот на подготовка на  тендер за реализација на оваа задача“ соопштија од ЈП МЖ Инфраструктура.

Градоначалникот  на Велес, Аце Коцевски, планираше поради малиот број на композиции,  мостот  да се користи и за автомобили, но таа идеја кај надлежните не мина.    По Железниот мост,  повеќе од три  месеци нема железнички сообраќај, колку што е во прекин железничкиот сообраќај  на линијата Велес- Кочани.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати