Вечeрва, среда, велешка премиера на претставата „Рацин“ која беше прикажана на Охридското лето (фото)

Петар Печков

Вечерва, среда од 20ч. премиерно на сцената на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“  ќе биде изведена  претставата „Рацин“. Режисер е Дејан Пројковски, драматург е Сашо Димоски.

„Драматургијата за претставата е според прозата и поезијата на Рацин од една страна, и според метатекстуалните записи што постојат во самиот опус на Рацин. За мене најголемиот предизвик беше да се транспонира поезијата во драма, бидејќи поетскиот дискурс сам не е наменет за сценска изведба. Предизвик беше истиот да се претвори во жива реплика, во говорна реч“ – кажа Димоски.

Тој најави дека претставата открива и нуди работи за Рацин што досега не се познати кај публиката.

„Во претставата се обидовме е да направиме  демитологизација на Рацин, бидејќи неговиот лик е обвиткан со многу мистерии, со многу неразјаснети аспекти, од неговиот личен живот до неговото творештво. Се обидовме да го третираме Рацин како човек од крв и месо, затоа што многу од случките врзани за неговиот  живот и дело, повеќето од нив производ на неговата судбина, на луѓето и времето во кое живее - рече Зафирчев.

Од велешки театар најавуваат дека претставата е ново, свежо и несекојдневно доживување и третирање на Кочо Рацин како човек и уметник, но во прв план беше неговата човечка димензија преку која се  претставени и некои други факти кои на извесен начин ги заобиколила историјата.

„Рацин е дел од нашата митологија, тој е дел од ДНК-та на секој од нас. Логички беше претставата за Рацин да ја создадеме токму во Велес, мислам дека тоа е вистинското место каде се уште улиците ги паметат неговите чекори, неговите воздишки по Раца. Тоа е градот каде просто беше неизбежно да се случи „Рацин“, местото каде случувањата ни ја враќаат вербата и љубовта во оваа наша професија“ – кажа  режисерот Дејан Пројковски.

Во претставата настапуваат и Исидор Јованоски, Кети Борисовска, Весна Бобевски, Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски и Илина Чонкова. 

Сценограф e Валентин Светозарев, костимограф Раде Василев и Елена Вангеловска, композитор Сашко Костов, кореографија и сценски движења Васил Зафирчев, изведба на музика во живо Сашко Костов и Орхидеја Дукова.

Претставата „Рацин“ премиерно беше прикажана на годинашното Охридско лето.

 фото Охридско лето/театар ЈХЏинот

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Откако Србија и Хрватска го вратија задолжителниот воен рок, во Грција и Турција е исто така задолжителен , дали во Македонија треба да има задолжително служење војска?

  • да
  • не
Резултати