Жителите на населбата Стопанство и дел од Градско реагираат на смрдеата која се шири од биогасната централа, изградена во нивниот двор

Петар Печков

Година дена откако е отворена биогасната централа кај Градско, толку време жителите на населбата Стопанство и дел од Градско немаат спокоен живот. Миризбата, реата што се шири им создава немир во живеењето.  Тие реагират на ваквата состојба, која била присутна уште од првиот ден на отворањето на инсталацијата, пред една година.

„Една година се соочувма со неподнослива миризба, смрдеа  од биогасната централа. Таму има открен базен каде се собира било каков измет. Тоа пак придонесува да се собраат муви и потоа да шират нечистотија и болести во околината. Остатокот од преработката ја фрлаат по блокови, еве тука на десетина метри и тоа исто смрди“ – кажа Трајче Ристов жител на Градско.

Мештаните се жалат дека мора да седат дома, со затворени врати и прозори за да се заштитат од неподносливата смрдеа но и мувите кои се присутни. Реагират дека  мувите можат да шират зараза.

„Велат дека барале согласност за да се изгради, што не  е точно дека сме се согласиле.  Кој е тој што ќе се согласи, секој ден да диши смрдеа.   Ни поставија детски парк со играчки. А како децата да излезат од дома на оваа смреда да играат тука. Не можеш дома врата да отвориш, да се проветри, 24 часа има смреда, секој ден, смрди корне“ -   вели Ајџана Демири, жителка на наслебата Стопанство.

„Колку далеку треба да бидат овие централи од населено место а не во дворот да ни ја изградат.  Едно кафе на тераса не можеме да се напиеме, затворени дома сме по цел ден. Полно е со муви, кои болест носат. Ни велат сме дале согласност а никој нема потпишано такво нешто “ – рече Ѓорѓи Стојменов, жител на населбата Стопанство.

Од Државниот инспекторат за животна средина потврдија дека имаат добиено реакции, заради смрдеата која се шири. Извршен бил и вонреден инспекциски надзор, при што биле констатирани неправилности.

„При надзорот се констатира дека во постројките за производство на биогас не е обезбедена заштита од непријатни емисии на миризба од приемната јама, во која времено се складира цврсто и течно ѓубриво.  Издадено е решение за отстранување на констатираните недостатоци со временски рокови кои се уште течат, имајќи во предвид дека е потребно превземање на посериозни активности кои побаруваат време за изведба“ – соопшти  Биљана Шуркова Mанaскова,  Државен  инспекторат за животна средина за општина Велес.  

При надзорот било  констатирано дека на западната страна веднаш до постројката се наоѓа населба од каде доаѓаат поплаките за емисии на миризба во воздухот. Населбата и инсталацијата   ја одделува бетонски ѕид.   Во Елабортот за заштита на животната средина, одобрен од надлежен орган било  наведено дека "на западната страна, објектот се граничи со неурбанизирана населба".

По изминување на рокот даден  во решението, инспекторатот најавува дека  ќе се изврши контролен надзор, дали недостатокот е отстранет.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

  • добро е
  • не ми се допаѓа
  • ме бендисува пешачката патека која е бојадисана
Резултати