Петар Печков
Објавено: петок, 13 февруари 2026
Донесена е нова одлука со која жолтата не е повеќе официјална боја на такси возилата во Велес. Променети се и дел од такси стојалиштата во градот. Ова се одлуки кои ги донесе Советот на Општина Велес. Одлуката дека жолтата е здолжителна беше донесена на 15 февруари 2007 година.
„Оваа одлука за бојата е по барање на таксистите, жолтата да не биде задолжителна, да не бидат ограничени, туку сами да си избират во каква боја ќе биде возилото. Има и промена на локациите на такси постојките, некои беа избришани поради режимот на сообраќај па сега во овој документ тоа и го верификувавме“ – кажа Панче Јанев, секретар на Општина Велес.
Дали возилото е такси корисниците ќе знаат по регистрацијата која е задолжително жолта, потребно е да има залепено налепници на вратите од возилото како и такси обележје на кровот.
Со новата одлука во Велес се утврдуваат следните локации и капацитет на такси станиците за такси возилата со кои се врши превозот на патници:
1. такси станица м.в. „Вила Зора“ на ул. „Димитар Влахов“ со капацитет од 3 места;
2. такси станица м.в. „Градски пазар 1“ на ул. „Нада Бутникошарова“ со капацитет
од 5 места;
3. такси станица м.в. „Градски пазар 2“ на ул. „Ангел Мишев“ со капацитет од 5
места;
4. такси станица м.в. „Автобуска станица“ на ул. „Петре Прличко“ со капацитет од
10 места;
5. такси станица м.в. „Долни дуќани“ на ул. „Димко Најдов“ со капацитет од 3 места;
6. такси станица м.в. „Комплекс банки“ на ул. „8-ми Септември“ со капацитет од 3
места;
7. такси станица м.в. „Народен музеј“ на ул. „8-ми Септември“ со капацитет од 5
места;
8. такси станица м.в. „Ликовен салон“ на ул. „Алексо Демниевски - Бауман“ со
капацитет од 3 места;
9. такси станица м.в. „Македонски Телеком“ на ул. „8-ми Септември“ со капацитет
од 3 места;
10. такси станица м.в. „АРМ“ на ул. „Благој Ѓорев“ со капацитет од 5 места;
11. такси станица м.в. „Театар“ на ул. „Благој Ѓорев“ со капацитет од 3 места;
12. такси станица м.в. „Ќоше“ на ул. „Благој Ѓорев“ со капацитет од 3 места;
13. такси станица м.в. „Гимназија“ на ул. „Благој Ѓорев“ со капацитет од 8 места;
14. такси станица м.в. „Кружен тек - Авона“ на ул.„Благој Ѓорев“ со капацитет од 10
места;
15. такси станица м.в. „Трговски центар“ на ул.„Благој Ѓорев“ со капацитет од 12
места;
16. такси станица м.в. „Болница“ на ул. „Самоборска“ со капацитет од 5 места;
17. такси станица м.в. „Железничка станица“ на ул. „Алексо Демниевски - Бауман“
со капацитет од 10 места;
18. такси станица м.в. „Општина“ на паркинг пред зградата на Општина Велес со
капацитет од 3 места.
За користење на такси станиците, превозниците ќе плаќаат надоместок во износ од 150 денари месечно по возило. Плаќањето ќе се врши однапред за периодот до истекот на лиценцата.
Бојата на возилата со кои се врши авто-такси превозот на патници ја избира самиот превозник. Максималниот број на возила во регистерот за издадени лиценци за вршење на авто-такси превоз на патници во Општина Велес се утврдува на вкупно 250 возила.
За примање на други патници во тек на превозот, одлучува патникот кој го започнал користењето на превозот.
Авто-такси превозникот е должен да го изврши превозот по најкусиот пат до местото на определување на патникот или по патот што ќе го одреди патникот.
Доколку патникот побара превозот да се обави на земјен пат или пат кој ја загрозува безбедноста на патниците и возилото превозникот може да го откаже превозот.
Авто-такси превозникот е должен да му издаде на патникот фискална сметка за извршениот превоз.
Во возилото задолжително на видно место над таксиметарот треба да биде истакнат ценовник со утврдените тарифи за чинење на превозот согласно оваа одлука.
За време на вршење на превозот, авто-такси возачот мора да биде уреден (чист, потстрижен, избричен или со негувана брада и мустаќи, со чиста облека), да се однесува културно и достоинствено кон патниците и не смее да пуши цигари во возилото.
Превозот во летниот период, авто-такси возачот не може да го врши облечен во куси панталони, шорц, мајца без ракави, односно без кошула или маица, без чевли, патики или сандали на нозете.
Авто-такси возачот има право да го одбие вршењето на превозот во случаите кога ќе се побара таков превоз за:
1. деца до 6 годишна возраст, без придружба или овластување на еден од
родителите на детето;
2. лица под дејство на алкохол и наркотични средства;
3. експлозивни, лесно запаливи, отровни, радиоактивни, заразни, нагризувачки и
други опасни материи кои поради своите особини можат да бидат опасни по
безбедноста и здравјето на луѓето или можат да нанесат друга штета.
По завршувањето на возењето авто-такси возачот е должен да го прегледа возилото, а најдените предмети да ги пријави во диспечерскиот центар на авто-такси превозникот или во најблиската полициска станица.
Ако сопственикот на предметите најдени во возилото не се јави во рок од 8 дена, со нив се постапува според прописите за најдените ствари.
