Започна уписот на првачињата, годинава во велешко има 45 деца помалку од лани

Петар Печков

Уписот на идните првачиња започна од 4 мај и ќе трае до крајот на  месецов. Во велешко треба да се запишат 511 деца.  Тоа е за 45 деца  помалку од лани, но и 13 помалку отколку што биле родени 2020 година. Нивните родители во меѓувреме се иселени, дали внатрешно, дали во странство. И тие што требаше лани да тргнат на училиште 556 ученици, учебната година ја започнаа 476 ученици, 80 помалку.

Во Велешко основци се запишуваат во прво одделение во седум основни училишта, ОУ Блаже Коневски, ОУ Васил Главинов, ОУ Св. Кирил и Методиј, ОУ Панко Брашнар во Велес, ОУ Стојан Стојчевски Буридан во Иванковци, ОУ Рајко Жинзифов во Горно Оризари и ОУ Лирија во Бузалково. 

„Согласно законот за основно образование, во мај месец се врши упис на ученици во прво одделение за учебната 2026/27 година. Родителот, старателот на детето треба да донесе потврда за примени вакцини, за систематски, за офталмолошки и стоматолошки преглед, издадени од надлежни здравствени установи, како и извод од книгата на родени.  Се запишуваат дека со навршени шест години и по барање на родител деца родени до 31 јануари 2021 година.  Резултатите треба да се објават до 15 јуни“ – кажа Верица Тодоровска Дацева раководител на одделение за јавни дејности при Општина Велес.

Од минатата година започна реонизацијата, почитување  на упис по адреса на живеење на родителот, која предизвика негодувања кај родителите.  Па тие се снаоѓаат само и само детето да учи во училиште кое родителот го посакува. 

„Од лани родителот има право и обврска да го запише детето во реонот во кој живеат и припаѓа. Училиштето е должно да ги опфати сите ученици. Исклучок е ако детето не може да следи настава на мајчин јазик, или ако има медицинска документација со која се докажува дека детето е потребно да следи настава во друго училиште поткрепено со психосоцијална или здравствена состојба“ – дополни Тодоровска Дацева. 

Од 4 мај во школска превентива се врши систематски преглед за децата идни основци и тоа со повикување со картичка по пошта, кај стоматолог се оди по договор во зависност од можностите на родителите а кај офталмолог прегледите започнаа уште во средината на април. За децата да заминат кај овој доктор, потребно е да добијат мој термин од матичниот лекар.

фото архива

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали сте за враќање на платениот паркинг во Велес, за надминување на проблемот со паркирањето?

  • да
  • не
Резултати