Петар Печков
Објавено: четврток, 07 ноември 2024
Здружението на граѓани „Плус публика“ организатор на Рациновите средби се повлече од организацијата. Тие во писмена форма пред почетокот на последната 55 седница на Советот на Општина Велес, доставиле изјава за повлекување.
Бараат раскинување на договорот за делегирана надлежност за организација на манифестацијата, кој беше за период од три години.
„По добивањето на функцијата в.д директор на велешкиот театар и блискоста во термините на организацијата на театарскиот фестивал 5ре и Рациновите средби, одлучивме дека е најдобро да се повлечеме од организацијата на Рациновите средби“ - во изјава за ТрМр кажа Жарко Спасовски, директор на велешки театар и заедно со Ненад Витанов членови на здружението „Публика плус“.
По реакцијата на дел од членовиет на Советот, бидејќи се ставени пред свршен чин со оваа оставка а терминот за конкурсите за годишната програма на Министерството за култура тогаш истекуваше, градоначлникот Марко Колев кажа дека Рациновите средби догодина ќе ги организираат сами Општина Велес или со Градската библиотека Гоце Делчев.
Причина за тоа е што рокот за распишување на конкурс за делегирана надлежност е премногу краток, за да може и да се конкурира до Министерството за култура за средства за манифестација.