Избери квалитет, избери традиција - Техничко-технолошки факултет Велес при УКЛО Битола

Петар Печков

Технолошко -техничкиот факултет е високообразовна институција при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола со седиште во Велес и дисперзирани студии во Битола. Факултетот обезбедува континуиран процес на образование на високостручни кадри (инженери, магистри и доктори на наука) преку современи студиски програми на трите циклуси академски студии, кои овозможуваат стекнување знаења, вештини и искуства од областа на нутриционизмот, прехранбената технологија и биотехнологија, надополнети со практично искуство и научноистражувачка работа.

Студиските програми на сите три циклуси се базираат на модерен мултидисциплинарен концепт насочен кон процесно -технолошките аспекти на производството на храна, во согласност со барањата на современиот потрошувач и новите сознанија во технологијата и науката за храна и исхрана. Ваквиот пристап овозможува профилирање стручни кадри со компетенции кои се барани на пазарот на труд, но и со знаења за водење и анализа на прехранбено- биотехнолошките процеси, имплементирање иновативни технологии и примена на методологии за добивање храна со задржани оптимални нутритивни вредности. Воедно, програмите нудат знаења во правец на креирање, производство и промоција на различни видови функционална и нова храна, храна за посебни нутритивни потреби, додатоци на исхрана и сл. производи, следејќи го концептот на минимално процесирана храна и зачувување на биоактивните карактеристики на суровините.


За академската 2020/2021 година Технолошко-техничкиот факултет на идните студенти на прв циклус академски студии во Велес им нуди две актуелни студиски програми: Прехранбена технологија и биотехнологија и Нутриционизам, а на дисперзираните студии во Битола се нуди студиската програма Нутриционизам.


Квалитетот на стекнатите знаења кај дипломирани студенти на ТТФ е препознаен од реномирани компании од прехранбениот сектор во државава и во странство, лабораториите за контрола на безбедност и квалитет на храната, научноистражувачки лабoратории, во институциите од јавниот сектор (градинки, училишта, здравствени установи), Агенција за храна и ветеринарство и други соодветни институции, каде што дипломираните кадри се реализираа како успешни вработени. Многу студенти по дипломирањето започнуваат сопствен бизнис во сферата на производство на храна и се успешни и препознаени како солидни професионалци.



Во обезбедувањето квалитет на наставниот и научноистражувачкиот процес Технолошко-техничкиот факултет посветува особено внимание на практичната настава, преку која студентите стекнуваат искуства и знаења неопходни за нивниот професионален развој. Факултетот соработува со голем број стопански субјекти каде што се реализира практичната настава на студентите, предвидена со студиските програми. Деканот на факултетот, проф. д-р Татјана Калевска, нагласува дека се следи трендот за интернационализација на високото образование и ТТФ континуирано ги користи можностите што ги нудат програмите кои ја поттикнуваат мобилноста на студентите и наставните кадри и промовираат меѓународна соработка помеѓу различни организации вклучени во високото образование во Европа, како што се ERASMUS+ и CEEPUS програмите. Факултетот е партнер во две CEEPUS мрежи, што ја олеснува можноста студентите и наставниот кадар да остварат соработка и престој на партнерските институции заради наставни и/или истражувачки цели во областите од интерес - наука за храна, нутриционизам и процесирање храна.

Во овие нови околности, соочени со предизвиците што ги носи пандемијата со која живееме, Факултетот динамично се приспособи на новите услови на функционирање и обезбеди можност за онлајн-следење на наставниот процес и полагање на испитите, внимавајќи притоа да се задржи квалитетот на наставата и да се одржи континуиран контакт со студентите, во очекување на повторно враќање на студентите во клупите и лабораториите.

Пријавувањето на кандидатите за упис на овој факултет во првиот уписен рок е од  27 до  31 август  и 1-ви септември. Има слободни 40 места, по 20 на двете насоки и 10 за вонредни студнети.

Поврзани »

АКРЕДИТИВ ДООЕЛ
Друштво за сметководствени
услуги и финансиски консалтинг.
Тел: 071 390 738; 078 375 014
akreditiv14@gmail.com


АНКЕТА »

Дали состојбата со ковид-19, го промени начинот на живот кај Вас?

  • да
  • не
Резултати