Историјата за куќите кај Варналиите

Петар Печков

Куќите кај Варналиите се едни од знаменитостите на Велес. На влезот во градот од правец на Штипска петља, спроти влезот на Автобуска, го привлекувале вниманието на случајните минувачи но и патниците намерници. Нивната архитектура, белината на варосаните ѕидови, прозорите, ги прават автентични и прекрасни.

И покрај оштетувањата кој се видливи на дел од фасадите, куќите на Прнарови, Паунови и Тренчови се приказна за себе. ТРМР дојде до нивните корени, која каква намена имала кога била изградена.  За првата куќа раскажа најмладата соговорничка Маја, која се што знае е од баба ѝ Богдана Прнарова. 

Нашата куќа и соседската биле една, турска, беговска. Првиот дел нашиот, бил за мажите а вториот сега на соседите, бил за жените.  Кога заминувале, го продале на два дела и така потоа живееле две различни семејства. Нашата фамилија,  биле фурнаџии, пекари. Печеле и продавале леб, печива, Така ја прехранувале фамилијата - вели Маја Велковска, единствената внука на Прнарови.

До нив е куќата на Тречнови.  Во неа, на чардаците се снимани неколку сцени од филмот ,,Мис Стон,,. Бидејќи е автентична, користена е за снимање и на уште два филма, ама пред 40-тина години.

Петре Прличко не беше во мојата куќа, при снимањето на Мис Стон,  беа  други глумци,  за некои други сцени. Куќата  била  сопственост на касапи, прадедото, дедото сите биле касапи, заклучно до мене.  Се обидувам сам со сопругата некако да ја одржувам - вели Лазо Тренчов.

 Сите овие куќи имаа една карактеристика, височината. Со нивните два ката и кров како да сакаат да го освојат небото. Карактеристично  е што собите на катот исто така биле со многу прозори, за светлината да влегува во живеалиштето.  Спротив нив е куќата на Паунови. И нејзините сопственици биле имотна фамилија. 

Моите предци биле трговци. Имале дуќан, кај пазариште,  денес спроти кафеаната на  Пармакот. Тука била нивната продавница. Продавале се. Знам дека доле во потонот се носеше снег, се покриваше со гранки, со слама, сено и така се чуваше. Таму се  ладеше боза, лимонада. И така ладна се продаваше. Додека  држеше снегот или мразот, имаше ладни пијалаци потоа откако ќе снемаше природно ладило,  како ќе се произведе таква се пиеше. Фрижидери тогаш немало - вели Миле Паунов.  

На дел од куќите е забележана и годината кога се изградени, 1868.  На ободот од кровот има интересни шари, птици,цветови, што даваат дополнителен квалитет на овие куќи, кои се  заштитени како културно богатство. Тоа зборува за нивниот долгогодишен век, но и квалитет што издржеле низ вековите.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

На што се греете зимава?

  • дрва
  • струја(печка, инвертер)
  • пелети, брикети
Резултати