Петар Печков
Објавено: петок, 03 јануари 2025
Затворањето на мостот на Вардар кај Башино село ќе предизвика зголемување на транспортните трошоци а со тоа и поголем расходи во работењето на фирмите во Велес. Ова беше кажано на средбата помеѓу градоначалникот Марко Колев, службите од локалната власт, пратениците Игор Здравковски, Александар Јамалов, претседателот на Советот Даниел Јаневски, со стопанствениците од градот.
„Сообраќајот на тешките возила ќе се одвива од 22 до 6 ч. Баравме до 7, но ни беше речено дека од 7 ч. децата почнуваат да одат на училиште и не е добро камионите да сообраќаат низ град“ – кажа градоначалникот Колев.
Со новиот времен сообраќаен режим, кој бил координиран со сообраќајната полиција и со министерот Тошковски кој вчера беше во Велес,се предвидува, тешките камиони со носивост над 8 тони, да влегуваат во Велес и излегуваат преку регионалниот пат Велес- Градско, кој минува кај Агриа и реките Тополка и Бабуна. Улицаците Страшо Пинџур и Гоце Делчев пак ќе бидат еднонасочни, во правец кон новиот дел на градот, улицата 8 септември во центарот на Велес повторно ќе биде целосно предвидена за сообраќај, ќе се отстранат чуневите среде улица, која ја делеше на пешачка зона и за автомобили. Улицата Алексо Демниевски Бауман ќе биде двонасочна и низ неа ќе минат тешките камиони во правец кон индустрискиот дел, додека улицата Благој Ѓорев ќе ја користат за излез од Велес.
„Ова е решение кое го најдовме како единствено можно за овие 12 часа, откако ја дознавме вестта за мостот. Барам од фирмите трпеливост, разбирање и поддршка. Овој сообраќаен времен режим ќе биде пред советниците на вонредна седница, која ја планираме за среда 8 јануари. Влезот и излезот од Велес е преку регионалниот пат Велес – Градско за да го избегнеме оптоварувањето на двата моста, да не биде еден проблем решаваме, друг создваме. Камионите во периодот кога нема да можат да возат, ќе бидат паркирани на царинскиот терминал или на стариот царински терминал кај мотел Македонија. Видете ја големата слика, како да се надмине проблемот. Ова е решението бизнисот да не сопре а градот да функционира. Треба да имаме во предвид, ако на мостот се случи човечка жртва, тогаш се што работиме е попусто. Вака ќе функционираме 60 до 90 дена додека се санира постојниот мост или две години ќе сопре живот колку време што е потребно да се изгради нов мост“ дополни Колев.
„Увозно извозно царинење од 22 до 6 часот, кога ќе се движат камионите, нема. Затоа е потребно царината да работи во овој период, во интерес на бизнисот. Во спротивно возилата во градот треба да бидат задржани 24 часа. Потоа улицата 8 Септември, со паркираните возила од Пошта до Сармаале и кај Комерцијална до Саатот, не може да се разминат два камиони“ – кажа Бојана Димовска директорка на Ронтис, чие целосно произвдство е извозно ориентирано.
Потоа сопствениците ги презентираа бројките на нивните тешки возила кои секојдневно минуваат низ градот, некои со 3-4 камиони -Ронтис, други со 15 –Брако, за да МИСА МГ сообраќа со 60 камиони на ден. Сите тие во овој период, ќе треба да сообраќаат само ноќе. Ќе имаат можност и преку ден да возат во правец од и за Чашка и Извор, Богомила, како што е и досега, но не и низ градот, освен ноќе.
„Потребни ни се прозори, временски термини преку денот, кога тешките возила би го напуштиле градот, да нема застој во транспортот“- побара Благој Шалев од Брако.
„Карактерот на работата е таков што ние не можеме ноќе да работиме. Имаме во овој зимски период за испорака ризла, за зимско одржување на патишта, таа не трпи одлагање. Имаме договори и ако не ги реализираме ќе плаќаме пенали“ рече Горанчо Ковиловски директор на каменоломот МИСА МГ.
„Јас можам со оваа ситуација да се справам, да го преселам бизнисот од Велес, оти е трговија. Но што со фабриките, тие не можат да се преселат“ – кажа Румен Смилев сопственик на Малина.
Најсилно проблемот ќе го почувствуаат извозно ориенитираните фирми Макрардт и Брако, кои имаат најмногу роба за царинење и истата треба да мине низ Велес, освен ако не се решат да царинат на граница.
„Не сме Кинези ама очекувам дека во реализацијата на санацијата на мостот да бидеме како нив, брзо и ефикасно да го реализираат градежните фирми“ – рече Горан Лазов, директор на Маслодајна.
Можно е проблем да се јави во текот на ноќта, кога низ градот минуваат најмалку четири товарни возови на релација Солун Белград и обратно, па затоа се спуштаат сигурносните рампи на пругата. Таа на Стар мост пет минути пред неговото минување. Во тој период ,на овој премин ако сопре некој автомобил, ќе се зодаде проблем со минувањето на тешките возила, кои треба да поминат ноќе низ Велес а се со тежина над 8 тони.
„Сите овие прашања кои ги поставивте, ги имавме во предвид. И понуденото решение е единствено исправно во моментов. Доколку се јават пречки, тековно ќе ги решавам, одлуките може да се менуваат. Што се однесува до паркираните возила со сообраќајната полиција работиме да бидат остранети од ул.8 Септември “– дополни Колев.