Петар Печков
Објавено: четврток, 02 јануари 2025
За љубителите на скијањето отворен новиот скијачки центар „Михајлово“ и првата скијачка патека „Македонија“. Снегот на Кожуф, совршен за љубителите да ја доживеат зимската магија.
Со ски-лифт во должина од 370 метри со капацитет од 600 лица на час; скијачки појас со капацитет за 800 лица; вештачко оснежување со снежни топови и мобилна пумпа; четири сезонски вртелешки и заштитна инфраструктура располага новиот ски-центар „Михајлово“ на планината Кожуф. Од Кавадарци е оддалечен 35 километри а од Велес 75 км. Од Кавадарци до планината има организиран превоз. Повратниот автобуски билет чини 280 денари.
„Ски центарот Михајлово на Кожуф четири години урбанистички го работиме, но од технички аспект го стокмивме за четири ипол месеци. Има нова жичара од полско производство, комплетна подземна инсталација и вештачка акумулација од 4.000 кубни метри вода за топовите да прават вештачки снег и има повеќе содржини на самата ски патека како влечниот теписон за најмалите и многу други“ кажа градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев
Според кавадаречкиот градоначалник, иницијалниот дел од проектот било одморалиштето во Михајлово, изградено во осумдесетите години на минатиот век, кој досега бил воздушна бања за децата во текот на летото. За овој центар имало многу планови за развој од тоа време кои од икс причини не биле реализирани.
Сега, вели Јанчев, следејќи ги современите трендови, ние реализираме она што било замислено уште тогаш, само со современа опрема и по сите стандарди. Освен поставената опрема, центарот има комплетно осветлување, медицинска екипа, спасувачки тим, ратрак, како и за ноќното скијање.
Во зимскиот период Кожуф изобилува со снег, а и да го нема во доволни количини, работата ќе се заврши со вештачки снег. Новиот ски-центар има и потенцијал за туристички развој. Допрва тука ќе се отвораат ресторани, хотели и индивидуални сместувачки капацитети. Освен тоа, патеката што во зимската сезона ќе се користи за скијање, летно време ќе е наменета за велосипедизам и други спортски и рекреативни активности.
Всушност, ски-центарот и Кожуф даваат големи можности за развој не само за Кавадарци и регионот, туку и за државата. Содржините се атрактивни за спортистите, рекреативците и љубителите на природата од земјава, но и од странство.
Патиштата до околните села редовно се чистат од снежните навеви, со што е овозможен безбеден пристап до Страгово, Бохула, Чемерско, Михајлово и Мрежичко.
Ски-центарот е под управување на спортскиот центар „Јасмин“. Теренските работи се донација од кавадаречки „ЈА МИ“. Во инвестицијата од 231.660 евра, пак, со по 115 илјади евра учествуваат Комерцијална банка и „Кожувчанка“, компанија на градоначалникот Митко Јанчев.
Планината Кожуф зафаќа површина од 893 км квадратни, од кои 80 проценти се во Македонија, а 20 проценти во соседна Грција. Таму е Дошница, која се смета за една од најубавите и најчисти реки во државата. Од растителниот свет, овде вирее зимзеленото дрвото познато како „гол човек“, кое е заштитено со закон.