Петар Печков
Објавено: недела, 15 декември 2024
Со новиот возен ред, кој од денес, недела 15 декември стапи на сила, се враќа патничкиот воз од Скопје за Гевгелија и обратно. Тој од Скопје поаѓа во 6:20, во Велес е во 7,22 а во Гевгелија стигнува во 8:59, додека попладне тргнува од Гевгелија во 17:02, во Велес е во 18,40 а во Скопје е 19:32.
Тој беше укинат на 27 март годинава, иако од МЖ никогаш јавно не соопштија, поради немање на доволен број патнички возови и локомотиви. Неодамна МЖ Транспорт најави враќање на овој патнички воз- кинескиот на електричен погон, откако после неколку месеци истиот бил поправен.
Така на релацијата од и кон Гевгелија со новиот возен ред има два патнички воза, наутро и попладне.
Во наредните 12 месеци, се до 13 декември 2025 година, остануваат три патнички воза од и за Битола и три директни од и за Велес. Во возниот ред нема поголеми промени освен што утринскиот воз од Гевгелија кон Скопје поаѓа во 4,30 наместо во 4,40ч.
Во актуелниот возен ред повторно се вратени патничките возови од и кон Кочани и Кичево, со тоа што тие не сообраќаат.
„Патничките возови кон Кичево и Кочани се предвидни со возниот ред, но ќе започнат да сообраќаат некаде околу половината на идната година, за да не бараме ад-хок траси тогаш кога би тргнале, тоа поскапо би не чинело“ – соопштија од МЖ Транспорт.
И натаму нема меѓународни патнички возови, ниту кон Србија, ниту кон Грција или кон Косово.