Петар Печков
Објавено: четврток, 12 декември 2024
Со денешната измена и дополна на ГУП за дел од УЕ1, УБ 2, УБ 7 и УБ 9 и со измена и дополна на ДУП за дел од УБ 9- помеѓу ул.„АСНОМ“ (поранешна Моша Пијаде), ул. „Алексо Демниевски Бауман “ и ул. „Новопланирана улица 1“ отстранети се пречките за локацијата, каде инвеститорот треба да гради маркет на ЛИДЛ во Велес.
„За предметниот плански опфат, за кој постои изработен ГУП и ДУП, инвеститорот има потреба за изработка на Измена и дополнување на ГУП и изработка на ДУП за да се усогласат параметрите за градежните парцели 9.7 и 9.10 со важечката регулатива. Приватниот инвеститор во целост ќе ја финансира изработката на измената “- кажа Роза Здравева, раководител на одделението за урбанизам.
Советниците едногласно ја усвоија оваа точка. Веднаш потоа грдоначалникот на неговиот ФБ профил објави дека ЛИДЛ доаѓа во Велес.
„Изминатава година напорно работевме за завршување на сите потребни административни процедури кои завршија денес, со усвојување на седницата на Советот на Општина Велес, со што овој светски познат бренд на маркети ќе може да ја направи својата инвестиција во Велес. Оваа инвестиција ќе значи нови вработувања и придвижување на локалната економија“ – порача Колев.
Предвидената локација за изградба на ЛИДЛ во Велес е кај мензата, управната зграда и силосите на Жито Вардар. Втората локација која тие ја планираа и посакуваа во Велес, при влезот од автопат Скопје – Велес, влез север, кај Башино Село, ЛИДЛ се откажал.