Коцевски - не се согласуваме co изградба на цементарница, на местото од каменоломот и варницата во Превалец

Петар Печков


Општина Велес е против продолжување на постапката за изградба на цементарница на предметната локација, со барање да се предложи друга локација за спроведување на проектот цементарница која ќе биде соодветна и безбедна за животната средина и здравјето на луѓето. Ова е одговорот до Министерството за животна средина, а по најавата за изградба на цементарница во кругот на каменоломот и фабриката за вар во населба Превалец.    

„Сметаме дека локацијата на инсталацијата не ги дозволува предложените активности затоа што цементарниците припаѓаат на Класа на намена Тешка градежна индустрија и производство на неметали. Населбата Превалец не е дел од Генералниот урбанистички план на град Велес и моментално населбата не е покриена со важечка урбанистичка планска документација. Во отсуство на планска документација за предметната локација, добивањето на Одобрение за градење е невозможно. Инвеститорот пред да ја купи инсталацијата требало да се консултира со Општина Велес, но тој побара средба откако ја купил фабриката“изјави градоначалникот Аце  Коцевски.
Тој на 10-ти март  одржал средба со новиот сопственик на инсталацијата, кој изјавил дека во моментот се води постапка на пренесување на сопственоста, кој ја претстави својата намера и новата инвестиција – цементарница која треба да се изгради во кругот на каменолом во населба Превалец.

Во известувањето за намера треба задолжително да биде наведен и предложениот капацитет или големина на проектот, кој отсуствува, а е клучен при определување на обемот на оцена на влијанието врз животната средина.  Во известувањето не е наведено дали се предвидени алтернативни локации кои би биле земени во предвид, доколку оваа локација се покаже како несоодветна за изградба на цементарница, пишува во мислењето на Општина Велес.

Во производниот процес ќе се продуцира емисии на прашина, јаглероден диоксид и гасови при согорување на фосилните горива, е наведено во Известувањето за намера. Индустријата за цемент е втор по големина емитер на јаглерод диоксид, емисијата на азотен оксид е значајна во ова производство. Сулфур диоксидот се формира во ротационата печка, а јаглероден моноксид се јавува во издувните гасови од ротационата печка за производство на цементен клинкер. При производството на клинкер се емитираат диоксини и фурани, а во помали количини може да се јават полихлорирани ароматични јаглеводороди, бензен, толуен, етил бензен и ксилен во помали количини, како и тешки метали -талиум, кадмиум и жива.

Процесот предвидува поставување на систем на филтри, надополнети со системи за микрофилтрација, во ваков производен процес, а во услови кога на предметната локација во функција на производството на цемент ќе се користат и отворениот коп за експлоатација на варовник, кој учествува со 80% при производството на цементен клинкер со постројки за дробење и сепарирање на варовник, влијанието врз животната средина се зголемува.

„Понудената  локација заради кумулативниот ефект на загадувачки материи од постоечкиот каменолом, не може да издржи дополнително оптоварување на животната средина со дополнителни загадувачки материи. Особено загрижува податокот дека процесот ослободува диоксини и фурани кои во нашата држава не се мерат, па цементарниците од овој вид мораат да ангажираат акредитирани лаборатории од странство, а кои СЗО ги класифицира како можен карциноген за луѓето, кои предизвикуваат имунолошки и ендокрини проблеми и влијаат врз здравјето на луѓето“ дополни  Коцевски.

Оваа инвестиција на предметната локација може да предизвика и обратен ефект на иселување на младите и родителите со мали деца, на кои им е премногу тешко да живеат во близина на постојната инсталација - каменолом.

„Добро за сите нас да се инвестира во Велес, но на безбедна локација, со современи технологии што нема да го загрозуваат здравјето на луѓето, животната средина и природата. Затоа што, поучени од лошите искуства од тридецениското опасно загадување од поранешна Топилница, никаков профит, никаков економски интерес не може и не смее да биде поважен од здравјето на луѓето“ кажа Коцевски.

Со ова негативно мислење на Општина Велс, не завршува постапката за изградба на цементарница, на просторот од фабриката за вар и каменоломот во Превалец. Министеството заживотна средина продолжува со следните чекори, предвидени согласно Законот.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес

АКРЕДИТИВ ДООЕЛ
Друштво за сметководствени
услуги и финансиски консалтинг.
Тел: 071 390 738; 078 375 014
akreditiv14@gmail.com


АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

  • да
  • не
Резултати