Петар Печков
Објавено: четврток, 19 јуни 2025
Утрово бил регистиран помор на риби на реката Тополка, и тоа близу вливот во реката Вардар. За поморот на риби алармирале, велешките риболовци, кои во тие моменти биле покрај брегот на реката.
Тие ги информирале рибочуварите на Здружението на спортски риболовци Бабуна од Велес, кој е концесионер со рибниот фонд на реката Тополка. Помор на риби имало од кај локацијата на Затворот кај Оризари, па се до вливот во Вардар.
„Во 8,20 ч. од рибочуварскaта служба констатиран е голем помор на риба. Присутна е и бела пенеста материја која тече по површината. Има угинато клен, мрена, кркушка. Ги очекуваме резултатите од надлежните служби за причината за поморот“ – кажа Даниел Наумовски, претседател на ЗРС „Бабуна “ од Велес.
Иако мрестот на рибата заврши пред еден месец, на некои парчиња се забележува дека се полни со икра, со што штетата по рибниот фонд е поголема. На терен по реката Тополка, во должина од неколку километри, беше и државниот инспектор за животна средина а примероци од угинатата риба се доставени до Агенцијата за храна, додека надлежна лабараторија земала мостри од реката од две локации.
Испитувањата на угината риба и на водата треба да покажат од што таа угинала и кое средство е пуштено во реката, за таа да пени.