Петар Печков
Објавено: вторник, 20 мај 2025
Набавени се аератори, кои се неопходни за да почне процесот на ревитализација на езерото Младост. За да тие започнат со работа потребно е да се изработи елаборат. Еден аератор e поставен, пред плажата на хотел Романтик, тој е со пробна функција. Набавени се од донации на бизнис секторот во Велес.
„Набавени се три видови на аератори. Шест водоскоци кои ја исфрлаат водат во височина, два пропелери – со перки кој прават површинска аерација и две турбини кои прават длабинска аерација и носат воздух до осум метри длабочина. Потребен е проект и фирма која ќе ги постави“ – кажа Даниел Наумовски, претседател на Здружението на спортски риболовци Бабуна од Велес, кој ја организраше акцијата за донација.
Според стручните лица од Хидробиолошкиот завод во Орхид, основно беше да се изврши аерација на езерото, внесување на кислород, бидејќи овој елемент е важен за живиот свет во него, токму поради негово отсуство, се јавува изумирање и на флората и фауната на езерото.
Од локалната власт најавија дека ќе се изврши багерирање на крајбрежјето од исушената маса, која пливаше по површината. Готов бил и проектот за чистење на заливот на Отовичка река. Нивото на езерото е намалено два до три метри а со зголемувањето на температурите, по површината повторно плива изумрена органска маса.
Неодамна за одржа и средба на координативното тело за спас на езерото Младост, во кое членуваат и вицепремиерот Љупчо Димовски, претставници од сите засегнати институции ЈКП Дервен, ЈПВ Лисиче, Центарот за јавно здравје Велес, како и претставници на Советот на општината од советничките групи. На неа било кажано дека Владата издвоила 10 милиони денари за потребите за ревитализација не езерото. Тоа од лани летото е забрането за капење, за наводнување на околните пет илјади хектари површини, најмногу со лозја. Стручните лица од ЦЈЗ Велес побараа да се изврши контрола колку цијанотоксини има во водата, анализа која ја нема во Македонија и поблиското соседство.
„Битно е во нашиот случај да знаеме дали има присуство на цијанотоксини. Најблиску каде може да се испита водата за присуство/отстуство на цијанотоксини е во Словенија.Таму се испитува и евентуалната нивна концентрација, во други лабоаратории на Балканот таква можност нема“ –вели д-р Ивана Горгиевска од Центарот за Јавно здравје во Велес.