Петар Печков
Објавено: петок, 28 март 2025
Слободанка Чичевска е годинешен добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“. Наградата е парична како и плакета со ликот на Прличко. Признанието и беше врачено вчеравечер на отворањето на театарскиот фестивал „5ре“ и пред премирата на претставата „Госпоѓа министеркса“ на велешки театар. Одлуката за наградата ја донесе жирито Александар Ѓорѓиев, Зорица Панчиќ и Тони Михајловски, како лански добитник.
„Чичевска со нејзиниот обемен богат и разновиден, може да се каже и раскошен според карактерот и огромните димензии, театарски опус, се вбројува во избраните актери на македонското глумиште. Нејзините повеќе од 15-тина бисери, главни и насловни улоги во античкиот театар во Стоби, првото КАБАРЕ во Велес, прекрасниот талент за говорење поезија, несебична работа со млади таленти од Младинското студио "Прличко“ од каде се изнедрија огромен број на талентирани професионални актери се дел од нејзиниот опус. Значајна е нејзината работа и посветеност во повеќе радио драми, хумористичната емисија Абракадабра, која со години одеше на програмата на локалното радио Велес. Огромен е бројот на улоги на Чичевска, секоја маестрално како филигран работена и одиграна, како на сцената во матичниот театар, така и во гостувањата низ театрите во земјава“ – пишува во образложението на жирито.
Таа во велешки театар започнува како член на младинското студио во 1978 а професионално ангажирана е од септември 1986 година.
„Морам да кажам дека прв пат на сцената за 47 години да имам трема, оти покрај се наградите значат и затоа и оваа трема. Награда за животно дело, за мене не значи крај на актерската кариера. Значајно е да се блесне на сцената, но и тоа да се одржи и опстои.Им посакувам на младите колеги многу аплаузи и многу награди. Наградата им ја посветувам на моите деца, на кои за нив важните моменти во животот, јас бев отсутна, бев на сцената. Со чичко Петре Прличко имав можност да играм на сцената, дури во таа На сечило за која ролја тој доби награда за животно дело на фестивалот Чернодрински“ – кажа Чичевска.