Петар Печков
Објавено: петок, 28 март 2025
Националниот конзерваторски ценатар на Македонија (НКЦМ) откако лани не ја санираше куќата на Аликара во Велес, годинава повторно ја предложи а Министерството за култура ја прифати како дел од проектите за работа од годишната програма.
Куќата е заштитена како пример за старата велешка архитектура. За жал нејзината состојба е мошне лоша. Скелињата стојат веќе три години, толку време надлежните најавуваат дека ќе ја санираат и реконструираат.
„Очекувам дека годинава конечно ќе се реши. Пред месец ден дојдоа, го мереа кровот, гледаа, оти лани не бил приклучен во проектот. Најавија дека ќе почнат скоро со работа, во зависност од временските услови, ќе почнеле од кровот“, кажаа сопствениците на куќата.
Според пишаните документи, куќата е изградена во средината на 19 .век, била бегова куќа, подоцна купена од бавчованџијата Аликара, па сега од Апасиеви.
Лани Конзерваторскиот центар со годишната програма за работа од Министерството за култура доби 1.200.000 денари (околу 19.500 евра) за реконструкција, санација и конзервација на куќата на Аликара, но оттаму не ни одговорија на прашањето, зошто не ја санираат. Не одговорија ниту овој пат на поставеното прашање колку средства се предвидени годинава за реконструкција на куќата.Неофицијално вредноста е околу четири милиони денари.