Петар Печков
Објавено: среда, 07 мај 2025
Центарот за јавно здравје од Велес излезе со редовната годишна информација, каква вода користи населението од општината. И додека четириесет и кусур илјади жители на градот немаат никаков проблем со водата за пиење од градскиот водовод надлежност на ЈКП Дервен, населението од руралните средини најчесто пие неисправна вода.
ЈЗУ Центар за јавно здравје(ЦЈЗ) Велес согласно законската регулатива тие вршат редовна санитарно – хигиенска контрола на водоснабдителни објекти и квалитет на вода за пиење од локални водоводи, чешми и бунари, како и бактериолошко - физичко – хемиска анализа и контрола на водата за пиење.
Две години не вршат анализа на водата од градски водовод, оти на јавен повик, добила приватна лабараторија од Скопје, која имала акредитација а Центарот за јавно здравје Велес ја немал. Анализите на водата за пиење од природните чешми, покажуваат дека десетина илјади жителите од велешките села најчесто имаат неисправна вода за пиење, поради што претставуваат ризик од појавување на епидемии од цревни заболувања.
„Селските водоводи во голем процент се бактериолошки загадени, оти водата не се хлорира, не се стопанисува стручно со нив. Кај овие неисправни примероци на води е докажано кај физичко - хемиската анализа присуство на нитрати и матност, додека бактериолошките испитувања покажуваат неисправност има ешерихија коли и колиформни бактерии кои покажуваат дека има фекално загадување. За отстранување на овој проблем, треба со водоводите да стопанисува стручно овластена организација, која редовно ќе врши дезинфекција за водата да биде исправна. Потребно е да се направи асанација на водоводни објекти за да водата да биде безбедна а со тоа и населението од руралните средини“ – вели д-р Снежана Петрова специјалист по хигиена од ЦЈЗ.
Тие како Центар се должни секој неисправен резултат во рок од 48 часа да го пријават до Агенција за храна, Државниот санитарен здравствен инспекторат, Центарот за управување со кризи и Министерство за здравство. Таа додаде дека нивните резултати покажале од четирите базени лани кои велешани преку лето ги користат за рекреација и разладување, тие од хотелите Романтик, Глориус, Гарденија, сите проби биле негативни освен на Градски базен каде во две мостри имало бактериолошка неисправност.
„Имаше случај на бактериолошка неисправност на водата од Градски базен. Хлорирањето не беше воспоствено како што треба, со наша стручна помош и постојан надзор, водата го доби потребниот квалитет. Се уште немаме Законска регулатива за квалитет на водата за капење. Во земјите од соседството го има, кај нас не. Можеме да го земеме за пример тој од Хрватска, која многу добар. Нашата законска регулатива го нема тој правилник. Кога го испитуваме квалитетот на водите во базените, се повикуваме на правилникот за водата за пиење. Кога ќе кажеме дека е добра, таа вода значи може да се пие. Проблем е несоодветно, неконтинуирано хлорирање. Потоа поголем број капачи значи поголемо загадување, повисоката темпшература го троши резидуалниот хлор. Затоа треба стручни лица да ракуваат со базените. Треба да се врши во текот на денот неколкуратна контрола на хлорирањето ако е превисоко да го намалат, ако е ниско да го покачат количините. Меѓутоа не секогаш стручни лица ракуваат со хлорирањето. Наше е да укажеме а надлежна е Агенцијата за храна и ветеринарство. Резултатите ги праќаме и до локалната власт. А како се постапува и што ќе преземе, тоа е задача на Агенцијата за храна“ – вели д-р Петрова.