Обвинетиот за сообраќајката кај Агриа не знаел дека удрил во човек, мислел дрво е

Петар Печков

По повеќе месечна пауза, во Основен суд Велес продолжи судскиот процес за сообраќајката близу Агриа, во која смртно настрада едно лице.  Обвинетиот Коста Карајанов од Гевгелија (58 год) не ја признава вината  дека во удрил со неговиот автомобил, во  Далибор Вучков (33 год) од  село Аџиматово, и потоа побегнал а од здобиените повреди пешакот кој бил на коловозот,  подоцна починал. Рочиштето започна со сведочење на полицаецот  Сашо Доневски, од Демир Хисар, кој минувал по стариот пат од Велес за Градско, критичниот ден на 5-ти март 2018-та, во вечерните часови. 

Кога стигнав имаше едно возило пред мене и повредениот кој лежеше на патот. Излегов од возилото, имаше и други лица тука, од возилото пред мене. Повредениот не зборуваше, му кажав да трпка со очите и така да потврдува на прашањата.  Имаше тешка повреда, карличната коска му беше излезена  и се гледаше, лежеше на страна. Во тие моменти забележав дека возилото кое беше после повредениот, на неговата коловозна лента на патот во правец кон Градско, стартуваше, со посилна гас и замина. Тоа ми го привлече вниманието, видов дека е форд галакси, темно тегет- јоргован боја и со гевгелиски регистарски таблички. Не видов кој го управува и дали беше тука околу повредениот - кажа  Доневски. 

Тој веднаш се јавил на 192, кажал за сообраќајката но и за автомобилот кој го напуштил местото, и побарал од колегите, бидејќи и тој е полицаец, возилото да биде лоцирано и сопрено, оти не знаел дали има некакво учество во несреќата.    Сведочеше и обвинетиот Карајанов за тоа што се случувало критичната вечер. Тој бил цвеќар и тој разнесувал цвеќе по Источна Македонија, а попладнето завршил со поделбата во Велес, околу 17 ч. кога врнело дожд. По стариот пат за Градско заминал дома за Гевгелија.

 Беше дождливо, не беше видливо, темно и возев со брзина од 40-50 км/ч. Наеднаш пред мене се појави нешто црно, мислев дека е дрво или карпа, па нагло завртев десно и удрив на банкините, не во тоа на патот. Излегов да видам дали е оштетен автомобилот, не беше и се вратив. Дојде друга кола зад мене излегов и му реков да го тргнеме дрвото. Не е дрво, туку човек рече сведокот.  Отидов да видам и стварно беше човек. Јас сум дијабетичар и почнав да се тресам , немав инсулин со мене, во колата имав коцки  шеќерче и ги изедов. Се вратив до човекот на патот, сведокот викна Брза помош.  Јас најдов парче пластика на патот, сакав да ја фрлам, сведокот ми викна ,,не фаќај,,и го оставив.  Од покачениот шеќер, паднав во несвест во колата па им кажав дека си одам. Кај Удово ме сопре полиција, ми кажаа за сообраќајката, ја проверија колата, дали има оштетувања -немаше  и дека ќе треба да одам во Полициска станица во Гевгелија. Веднаш отидов таму но ми се слоши. Дојде доктор ми измерија 13  шеќер и висок притисок, ми пуштија инјекции - сведочеше обвинетиот Карајанов. 

На прашањето од обвинителката Славица Темелковски, зошто кога сопрел со колата по ударот, го проверил возилото, но не и предметот кој го видел на патот, кажа дека чекал да дојде друго возило да го тргнат дрвото. На прашањето зошто продолжил за Гевгелија иако паднал во несвест од високиот шеќер, Карајанов одговори дека брзал кај неговиот матичен доктор. Судењето продолжува со сведочење на вештото лице кое   го изработи вештачењето за обвинителството и техничкиот советник кој го изработи вештачењето за обвинетиот. 

На обвинетиот Карајанов, му се суди  за две кривични дела ,,Тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот,,   и за ,, не укажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода,,.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати