Одземени лиценци на три нафтени компании, меѓу нив и на една од Велес

Петар Печков

Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги донесе одлуки со кои ги одзема лиценците за вршење на енергетска дејност на три друштва за трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, меѓу нив има и една од Велес. 

На Друштвото за трговија со технички гас и опрема „БАШИНО ГАС“ извоз- увоз ДООЕЛ Велес е одземена лиценцата за трговија на големо со течен нафтен гас (ТНГ).

Другите две  нафтени компании се од Скопје  - Друштвото за градежништво, трговија и услуги ГУЛИВЕР ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ му се одзема лиценцата за вршење на енергетската дејност трговија на големо со Еуродизел БС. Одземена е лиценцата за вршење на енергетска дејност за трговија на големо со мазут - М1 (НС) на Друштвото за трговија, градежништво и услуги ПЕРТИНАКС ДООЕЛ Скопје.

Одлуките за одземање на лиценци се донесени затоа што посочените трговци на големо немале складишни капацитети за чување на резерви на нафтените деривати, што всушност се основни средства и услов за вршење на енергетска дејност.

„Донесовме одлуки со кои ги одзедовме лиценците на тројца трговци за поединечни нафтени деривати за кои утврдивме дека не ги исполнуваат условите од Законот за енергетика и Правилникот за лиценци. Гуливер нема да смее да увезува и тргува со Еуродизел БС, додека Пертинакс нема повеќе лиценца за тргување и увоз со мазут - М1 (НС), а Башиногас нема да смее повеќе да увезува и тргува со течен нафтен гас (ТНГ). Овие трговци не поседуваат соодветни складишни капацитети за чување на дериватите – што претставува основно средство за работа и е услов за добивање на лиценца. РКЕ во изминатиот период теренски ги зајакна контролите врз трговците и со истите ќе продолжи“ - изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати