Петар Печков
Објавено: петок, 05 септември 2025
Документи од и за животот на Алексо Демниевски Бауман, патронот на велешката касарна на АРМ се донирани на институцијата и тие ќе бидат поставени во неговата спомен соба. Ова беше кажано денес на одбележување на патронот на касарната, кое се случи за прв пат.
„Ова се документи од Перо Коробар, исто така велешанец, кој собирал се за делото на Алексо Демниевски Бауман. Тие ќе бидат изложени во неговата спомен соба и ќе бидат достапни за сите кои сакаат да го проучуваат неговото животно дело. Овие документи ни ги отстапија на владение Сојузот на филателисти, преку Климе Коробар, синот на Перо Коробар, и Димитар Белчев. Како единствена институција во Македонија која го носи името на Бауман, сметаа дека најдобро би било нас да ни ги отстапат“ – кажа Миле Марковски, потполковник.
Меѓу документите кои велешката касарна ги доби, се личен ракопис на Бауман, негово сеќавање за Шпанската граѓанска војна на македонски и на српско хрватски јазик со различни содржини, лично од него биографија за самиот себе, чукана на машина некаде седината на 50-тите години. Од негов соборец Милан Божиќ на осум страници има сведоштва за Бауман, како командант на интернационаниот баталјон Ѓуро Ѓаковиќ во Шпанија. Има документи за пробојот на Сремскиот фронт пролета 1945 каде ги водел македонските партизани. Има и лични фотографии и од Шпанија и од Сремскиот фронт.
Алексо Демниевски - Бауман, Велес, 10 септември 1905 - Белград, 5 септември 1961, е комунист , учесник во Шпанската граѓанска војна и во НОБ од крајот на 1944 година. Како командант на Петнаесеттиот македонски корпус. Учествува во борбите на Сремскиот фронт. Неговиот корпус на 13 април 1945 година учествува во ослободувањето на Винковци, Славонска Пожега, Славонски Брод, Загреб и Цеље. Посветен на идеалите за подобар свет, тој не формирал семејство.