Петар Печков
Објавено: вторник, 29 април 2025
Советниците едногласно одлучија поголем дел од покриениот пазар во Нова населба, да се додели на повеќегодишно користење на заинтересирана странка. Ќе остане дел од пазарот за 25 тезги но и пристапот до скривниците. Советниците одлуката ја донесоа едногласно.
„Бидејќи има големи оштетувања и потребни се големи финансиски средства за негово реновирање, предлагаме тој да се изнајми. Постои интерес кај повеќе оператори, за намена маркет. Ова е исто како што се случи со просторот со КАМ маркет. Тоа што ќе остане како корисен простор, околу 145 м2 ќе може да се сместат 20- 25 тезги, за мини пазар. За толку тезги има и интерес“ - кажа Васил Николов, финансов директор на ЈКП Дервен.
Се изнајмуваат 762 м2 од 905 м2. Од добиените средства за надомест ќе се санира кровот, треба да се изврши внатрешна реконструкција на просторот и на излогот, односно влезот во објектот. Просторот ќе се изнајмува за период од 15 години. Давањето под закуп, ќе биде по пат на прибирање на понуди а изборот врз основа на понудена цена.
фото архива