Петар Печков
Објавено: среда, 05 ноември 2025
Ноќеска, среда нешто по полноќ, пожар зафатил камион, кој превезувал памук. Интервенирале пожарникарите, сообраќајот на делницата од автопатот кај Градсако, бил во прекин четири часа
„На 5 ноември во 00:35 часот, примена е дојава за запалена церада од камион на клучката од автопатот кон новиот пат за Прилеп. Територијалната противпожарна единица Велес излезе на лице место со две противпожарни возила и пет пожарникари-спасители. По пристигнување, пожарот беше затекнат во развиена фаза. Поради сериозноста на ситуацијата и товарот на камионот -памук, побарано е уште едно ПП возило за дотур на вода и еден пожарникар-спасител. Благодарение на брзата интервенција, пожарот е локализиран без повредени колеги и цивили“ – соопоштија од ТППЕ Велес.
Дополнителна информација за пожарот и од велешката полиција.
На 5 ноември во 00:39 часот во СВР Велес е пријавено дека на исклучокот од автопатот Градско-Велес кон експресен пат Градско-Прилеп настанал пожар на приколка товарена со полиестерски влакна, прикачена на товарно возило „рено“ со турски национални ознаки, кое го управувал Е.А.(38 год) од Турција“ – соопшти Биљана Ѓаковска портпарол на СВР Велес.
Во периодот од 01:20 до 05:20 часот, патничкиот и товарниот сообраќај на автопатот Велес - Градско бил во прекин и пренасочен по експресниот пат Градско – Дреново.
За настанот биле известени јавен обвинител, Царинска управа и Министерство за животна средина.
