Петар Печков
Објавено: петок, 18 јули 2025
Во Горно Јаболчиште и Долно Јаболчиште, полициски службеници од Отсекoт за превенција при СВР Велес, од Полициската станица Велес и од Полициското одделение Чашка, реализираа превентивно едукативни активности, под мотото „Пламените јазици се незапирливи“ и „Да ги заштитиме нашите шуми од шумски пожари и бесправни сечи“.
„Во рамки на активностите, на месното население му беше посочено дека е потребна континуирана соработка со надлежните институции и задолжително пријавување на несовесно однесување како фрлање и палење ѓубре, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци и сл. со цел брза и навремена реакција, односно заштита и намалување на ризикот од настанување на шумски и пожари на отворен простор. Исто така беше нагласена потребата од внимателно извршување земјоделски работи, со акцент на опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева и смет на ниви“- соопштија од МВР.
Полициските службеници потсетиле за целосната забрана за движење во шуми, што стапи на сила на 01.07.2025 година и ќе трае до 31.08.2025 година, како и за законските одредби и санкции, особено во поглед на законскaта регулатива што ги опфаќа пожарите и бесправната сеча на дрва.
Полициските службеници ги потсетиле граѓаните од Горно и Долно Јаболчиште, на опасностите и штетните последици од недозволеното испалување на пиротехнички средства, односно за опасноста од неовластено пукање со огнено оружје, како и законските импликации со кои може да се соочат поради непочитување на законските прописи. Полициските службеници поделиле и едукативни печатени материјали со информативни содржини.