Романот „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска годинашен добитник на Рациновото признание

Петар Печков

Оливера Ќорвезироска е добитник на Рациновото признание за книга на годината, за „Три Марии“, издание на Арс Либрис.   Оваа одлука на прес конференција, ја соопшти жири комисијата во состав проф. д-р Илија Велев, претседател и членовите проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова и м-р Игор Крајчев. Наградата се доделува како дел на  содржините од Рациновите средби, кој годинава се одржуваат во Велес по 62 пат.

„Книгата Три Марии впечатливо го допрецизира авторскиот творечки интегритет на писателката. Ова прозно дело суверено ќе си ги обезбеди место меѓу читателската и критичката јавност, читајќи се и препрочитувајќи се, стручно толкувајќи се меѓу неговата содржински повеќе слојност. Ова дело настојува да ги нагласи интеракциите на интригите во содржинскиот триаголник, на феноменот неверство во трите случаеви. Не станува збор за класичен  жанр роман, во книгата се интегрираат три различни повести, во форма на краток роман “ – кажа  Илија Велев претседател на жирито. 

Жирито  одлучувало помеѓу 22 пријавени дела а во потесна конкуренција за награда биле пет книги, „Простување“ на Кица Колбе,  „Приказничар“ на Жарко Кујунџиски, „И ѕирка и проѕирка“ на Огнена Никуљски, „Арагон“ на Михајло Свидерски и „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска. 

Добитник на Почесното Рациново признание, за ширење на македонската литература и култура во странство е проф. д-р Намита Субиото од Република Словенија, вонреден професор по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Словенија. Таа од 2004 г. ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност на Одделот за славистика. 

„Субиото е истакната македонист, која три  децении го афирмира македонскиот јазик, култура, литература на угледниот Универзитет во Љубљана, кој е расадник на македонистиката. Значајна е нејзината работа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Подрачјето на нејзиниот  научен интерес се современата македонска книжевност, македонско-словенечките културни врски и книжевниот превод“ – ја образложи одлуката Снежана Бошевска, член на организационот одбор на Рациновите средби.   

Од македонски јазик на словенечки, Намита Субиото превела и напишала поговори за 17 книги, меѓу нив и од Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Драги Михајловски, Венко Андоновски, Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев, Игор Исаковски.  

Наградата ќе биде врачена на Ќорвезиорска  четврток вечер на отворањето на 62 Рацинови средби на  сцената на Велешки театар,  додека Почесното Рациново признание на затворањето сабота навечер во Амфитеатот во Младински парк. Таму е предвиден и меѓународниот поетски митинг со 15 автори, од Албанија, Бугарија, Србија и Македонија, како и концерт на Васил  Хаџиманов бенд. 

Дел од содржините на 62 Рацинови средби се четврток на пладне,  Меѓународна научна конференција на тема „Рациновите одблесоци врз современиот македонски јазик и книжевноста“ во организација на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“- Скопје, годинашната беседа за Рацин ќе ја каже   проф.д-р Венко Андоновски. Петок на пладне е  трибина за македонскиот јазик, за 80 годишнината од  неговата кодификацијта со  „Зборот од мугрите – аманет што не згаснува“.  

Сабота навечер е  промоција на тритомното капитално издание за Кочо Рацин, чии автори се Венко Адоновски –првиот том за поезијата на Рацин, за проза и публицистика, том два проф.д-р Искра Тасевска- Бошкова и третиот том за живописот на Рацин проф.д-р Весна Мојсова- Чепишевска. Промотор е  академик Катица Ќулавков која е и главен стручен редактор. Свеченото затворање на 62 Рацинови средби е вторник  17 јуни со театарската претстава „Рацин“ на Велешки театар.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како го оценувате, колку сте задоволни од решението за уредување на централното градско подрачје?

  • 5
  • 4
  • 3
  • 2
  • 1
Резултати